Американскиот производител на електрични возила „Tesla“ повлекува повеќе од два милиона возила во САД за да инсталира нови безбедносни карактеристики во управувањето (аutopilot), напреден систем за помош при возењето, откако федералниот регулатор за безбедност предупреди дека има загриженост за безбедноста.
Најголемото повлекување возила на „Tesla“ досега ги опфаќа речиси сите возила на патиштата во САД и има за цел подобро да се осигура дека возачите обрнуваат внимание при користењето на системот. Од „Tesla“ објаснија дека контролите на системот „можеби не се доволни за да ги спречат возачите да го злоупотребат системот“ и дека тоа може да го зголеми ризикот од сообраќајни несреќи.
Националната управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA) го истражува проблемот веќе две години. Агенцијата отвори безбедносна истрага во август 2021 година по извештаите за фатални несреќи што се случиле при користење на автопилотот.
Агенцијата Transport Canada објави дека „Tesla“ ќе повлече и 193.000 возила во Канада. Не е јасно дали и Кина ќе побара повлекување на возилото.
Автоматскиот пилот овозможува автоматско управување, забрзување и сопирање на возилото во лентата во која се движи. Тековните карактеристики на автоматскиот пилот бараат активен надзор на возачот и не го прават возилото автономно.
Од „Tesla“ не одговориле на прашањето за опсегот на повлекување возила низ целиот свет, ниту објавија поединости за новите безбедносни карактеристики.