„Тесла конвој“ 2014

На иницијатива на Електромобилност Македонија во соработка со Машинскиот и Електротехничкиот факултет како и секторот за Екологија при град Скопје, училиштата во општина Карпош, општина Карпош и ЈП Градски паркинзи денеска со почеток од 11 часот на кампусот на електро-машински ќе биде организиран настан како тест околина.

Настанот е именуван „Електричен полигон“ како дел од глобалниот настан „Европска недела на мобилноста”, на која ќе земат учество 50-тина деца од две oсновни училишта. Во рамки на настанот ќе има едукативна сесија за електричните возила преку која младите ќе се запознаат со трендовите во мобилноста со осврт на свесноста за зачувување на животната средина.

Учениците ќе можат да ги возат возилата кои ќе бидат на полигонот-паркинг на кампусот како електрични велосипеди, електрични скутери и мали електрични возила. Електричниот полигон е предигра и пречек за Тесла конвојот 2014  чиј предводник ќе биде електричното возило Тесла С, возило кое ќе биде на кампусот на електро-машински после 15 часот, во кој тимот на НВО Електромобилност Македонија е локален партнер и ко-организатор на активностите на Конвојот низ Македонија. Конвојот тргнува од Загреб, преку Белград и Ниш, минува низ Македонија за преку Косово и Албанија и Црна гора да заокружи назад до Загреб.

На 20 септември 2014, Тесла конвојот 2014 ќе продефилира на градскиот плоштад во Скопје со почеток од 10:30 минути на кој ќе бидат изложени и други електрични и хибридни возила.

НВО Електромобилност ги повикува сите заинтересирани граѓани да дојдат и да бидат дел од двата настани на 19 септември, а ден потоа и настанот на плоштад на 20 септември каде заедно ќе се дружиме. Воедно ги повикуваме граѓаните на Македонија да се вклучат во иницијатива „Европска недела на мобилноста“ и да ги остават своите возила во наредните неколку дена, особено на 22 септември 2014 кога е предвидено да се одбележи настанот „Ден без автомобили” во кој активно учество ќе земат членовите на Електромобилност Македонија.