„Тесла конвојот 2014“ пристигна во Скопје

Иницијативата „Тесла конвој 2014“ денеска пристигна во Скопје и пред македонската јавност беше презентирано електричното возило „Тесла модел C“.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски оствари средба со претставници на „Тесла конвојот 2014“, Илија Вучков, Претседател на ЕМКИЦЕ (Европско-македонски центар за иновации и знаење) и Саша Цветојевиќ (сопственик на возилото)  и ја даде својата поддршка на оваа иницијативата која има за цел да ја популаризира употребата на електрични и хибридни возила во Југоисточна Европа, да ја подигне свеста за почиста и поздрава животна средина и за креирање зелен коридор со станици за полнење на електрични возила.

По средбата Трајановски и претставниците на „Тесла конвојот 2014“ заедно со автомобилот “Тесла модел С” се упатија кон плоштадот „Македонија“, каде истиот беше презентиран пред граѓаните.

– Градот Скопје се вклучи во Неделата на мобилност бреку голем број на настани и проекти, а данеска се вклучуваме во иницијативата “Тесла конвој 2014” за промоција на бенефитите од користењето на електромобилите. Овие возила се еколошки и не загадуваат, не прават бучава, а имаат и голем економски бенефити. Ова возило со едно полнење од 85 киловат часови може да помине околу 400 километри, што би чинело околу 350 денари, рече Трајановски.

tesla1

„Тесла конвојот 2014“ е иницијативата која има за цел да ја популаризира употребата на електрични и хибридни возила во Југоисточна Европа, да ја подигне свеста за почиста и поздрава животна средина и користење нови иновативни технологии, заемна соработка за користење ЕУ фондови, поддршка на инженерите претприемачи од страна на бизнис-ангели и ментори и за креирање зелен коридор со станици за полнење на електрични возила.

Во рамките на иницијативата „Тесла конвој 2014“  електричното возило “Тесла модел С” ќе помине пат долг 2.200 километри низ градовите во регионот за да ги промовира електричните возила и потребата од поставување станици за полнење на електрични возила.

Градот Скопје ја поддржува идејата за електромобилност. Во јули годинава Градот Скопје промовира 5 електромобили и 10 електровелосипеди на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ кои им се ставени на располагање на граѓаните.

tesla2

Цената на билетот за електромобилите изнесува 50 денари по лице, за една тура за разгледување која во просек ќе трае 20 минути. На оваа рута се предвидени пет стојалишта: пред спомен обележјето Мајка Тереза, на плоштадот „Македонија“, Порта Македонија, пред споменикот Филип II Македонски и кај мостот „Око“.