Тесна трка за американскиот Сенат

Тесна трка се води за освојување на мнозинството во Сенатот на американските избори на средината на мандатот, демократите моментално имаат 48 мандати а републиканците 47, пренесува Reuters,

Борбата за Сенатот е важна бидејќи доколку републиканците, кои сѐ поизвесно ќе имаат мнозинство во Претставничкиот дом, го освојат и горниот дом на Конгресот, ќе можат да ги попречуваат законодавните планови на демократскиот претседател Џо Бајден во преостанатите две години од неговиот мандат.

Во моментов се чини дека трката за Сенатот ќе се сведе на четирите најтесни борби.

Во сојузната држава Џорџија трката меѓу републиканецот Хершел Цокер и демократот Рафаел Вернок е претесна за да може да се прогласи победник. Доколку демократите тука загубат, ќе мора да победат во Невада и Аризона, за да ја задржат контролата над Сенатот.

Во Невада се води трката меѓу демократката Катрин Кортез Масто и нејзиниот републикански противкандидат Адем Лаксалт. Во Аризона, трката меѓу демократот Марк Кели и републиканецот Блејк Мастерс, исто така, е многу тесна.

Доколку демократите загубат во Невада или во Аризона, тогаш ќе мора да победат во Висконсин, каде што демократот Мандела Барнс се бори против републиканецот Рон Џонсон.

Досега неколку републикански сенатори беа лесно реизбрани. Но првичните резултати досега не ја нарушуваат рамнотежата на силите во Сенатот, која е 50-50 и моментално е под контрола на демократите поради дополнителниот глас на потпретседателката Камала Харис.