Тесна трка за наследникот на Меркел пред второто тв-соочување

Тројцата водечки кандидати за наследник на позицијата на германската канцеларка Ангела Меркел по парламентарните избори кои ќе се одржат кон крајот на септември, се соочуваат во неделата во втората телевизиска дебата.

Во дебатата којашто ќе ја пренесуваат јавните сервизи ARD и ZDF аргументите ќе ги спротиставата Армин Лашет, „шпицен-кандидат“ од конзервативниот демохристијански блок Христијанско-демократска унија и Христијнаско-социјална унија (CDU/CSU) на актуелната канцеларка, Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) од левиот центар, и Аналена Бербок од левичарската партија Зелени.

Во август изненадувачки рејтингот на поддршка на SPD на Шолц се искачи на 25 отсто, а според неодамнешните анкети блокот CDU/CSU падна на околу 22 отсто поддршка, додека запрен е подемот на Зелените и сега се на третото место со 17 отсто.

Две седмици пред изборите на 16-ти септември, трката за канцеларската должност во Германија така станува тесна, какои пред 16 години пред Ангела Меркел да ја презема должноста којашто ја извршува во моментов, а која се откажа од трка за уште еден мандат.

Сѐ позагрижените конзервативци предупредуваат дека левицата би можела да ја преземе целосно власта во земјата, откако првпат по 2017 година SPD според анкетите ја надминал Унијата CDU/CSU.

Испитувањето спроведено од Deutschlandtrend на почетокот од септември покажало дека граѓаните SPD ја сметаат за најкомпетентна партија кога станува збор за социјалната политика и борбата за поправедна распределба.

Шолц е оценет како победник во првата телевизиска дебата на тројцата кандидати која се одржа на 30-ти август. Во тоа соочување Лашет главно разменувше напади со Бербок, која ги обвини CDU и SPD дека сториле премалку во борбата против климатските промени, особено имајќи ги предвид катастрофалните поплави од летово. Шолц тогаш се насочи на финансиските теми, како даноците и пензиите и вети „општество кое го цени почитувањато, почитувањето кон секого“.

И покрај водството во анкетите, на SPD би му била потребна поддршката од уште две партии за да може да формира влада. Шолц засега ги избегнува изјавите за можните коалиции, доколку победи на изборите.

Можната коалиција на левата страна од политичкиот спектар, односно меѓу Социјалдемократите, Зелените и Левица за многумина во SPD е неприфатлива, поради одредените надворешнополитички ставови на Левица, како што е барањето за укинување на НАТО.