Тестовите за коронавирус навлекоа вонредна инспекција во „Аџибадем Систина“

По контролата, сепак било утврдено дека тестирањата се согласно законските прописи, но било дадено препорака да не се објавуваат информации во од резултатите на тестовите, туку тие да се проследуваат до Институтот за јавно здравје.

По преписките во јавноста меѓу „Аџибадем Систина“ и Министерството за здравство, околу тестовите за коронавирус кои се изработуваат во приватната Клиника, вчера во оваа здравствена институција имало инспекциска контрола.

Според потврдени информации на Нетпрес, вчера во Клиниката е направен вонреден инспекциски надзор, за да се утврди дали тестирањата се согласно законските прописи, одосно дали се акредитирани и верификувани од Институтот а јавно здравје.

По контролата, сепак било утврдено дека тестирањата се согласно законските прописи, но било дадено препорака да не се објавуваат информации од резултатите на тестовите, туку тие да се проследуваат до Институтот за јавно здравје.

Имено, Министерството за здравство прво излезе со став дека тестовите кои ги користи „Систина“ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Односно тие тестови го детектираат присуството на анти тела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус.

Ова изјава на МЗ дојде по објавата на „Систина“  дека кај нив, со т.н. брзи серумски тестови од холандско производство, се тестирани 327 луѓе, од кои дури 54 се позитивни.

„Во врска со дезинформациите кои се шират во јавноста, а се поврзани со овие тестови кои се произведуваат во Холандија и ги користи КБ Аџибадем Систина, Болницата денес ќе ја извести и холандската амбасада во нашата земја. Во исклучително сериозна ситуација кога се бориме со еден животозагрозувачки вирус, со единствена цел спречување на неговото ширење и зачувување на здравјето на луѓето недозволлива е било каква манипулација во јавноста на оваа тема“, реагираа од „Аџибадем Систина“.