Жената која утрово го усмртила својот невенчан сопруг, постојано пријавувала семејно насилство, пренесува порталот на албански јазик INA повикувајќи се на свои извори.
39-годишната жена денеска претпладне самата се пријавила во тетовската полиција дека половина час претходно го убила невенчаниот сопруг. Таа истакнала дека употребила тврд предмет при убиството на 51-годишниот маж.
Во 11:35 часот во СВР Тетово А.С. (39) од Тетово пријавила дека околу 11:00 часот во семејниот дом во Тетово извршила убиство на нејзиниот 51-годишен невенчан сопруг А.И. Според пријавеното, во извршувањето на кривичното дело осомничената употребила тврд предмет, информираше портпаролот Марјан Јосифоски.
Според информациите од ИНА, таа го усмртила со чекан откако тој ја нападнал.
„Жената родена во Прилеп постојано пријавувала насилство од страна на нејзиниот сопруг Албанец од Тетово во полиција. Последната расправија била мотивот на убиството, каде жената покрај повредите што ѝ ги предизвикал сопругот, го удрила со чекан по глава, оставајќи го без знаци на живот!“, пишува порталот.
На местото на настанот извршен е увид од Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово, а безживотното тело предадено е за обдукција. По документирање на случајот против А.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.