Градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи по денешниот состанок на Кризниот штаб соопшти дека е зголемен бројот на лица кои имаат потреба од здравствена заштита во Инфективното одделение на Клиничката болница.
Арифи информира дека капацитетите на Клиничкиот центар во Тетово се стабилни и персонал има доволно, но не кажа колку луѓе се задржани на болничко лекување.
-Како резултат на зголемувањето на бројот заразени со Ковид-19, во Клиничкиот центар во Тетово, поточно на Инфективното одделение, се зголеми бројот на лица кои имаат потреба од здравствена заштита. И покрај зголемувањето на бројот и сериозната состојба, здравствените капацитети на Клиничкиот центар во Тетово се стабилни и успешно се справуваат со ситуацијата. На помош на инфективното одделение се просториите на интернистичко одделение, а ако има поширока потреба за простор исто така ќе се преадаптираат за болни со Ковид-19. Се зависи дали бројот на болни ќе ги надмине капацитетите. Информирани сме дека персонал има доволно – изјави Теута Арифи.
Таа вели дека редовни се средбите на кризниот штаб, но нема воспоставување други мерки како пролетта кога не беше дозволен пазарен ден и кога беше укинат локалниот јавен превоз.
-Трендовите на нагорна линија на заболени се на ниво на државата и затоа и ние ги следиме препораките кои се на ниво на сите други градови. Ќе направиме и наши проценки доколку има потреба од заострување на мерките – рече Арифи.
Според податоците на Кризниот штаб, до денеска во Тетово и петте околни општини вкупниот број лица со дијагностициран Ковид-19 изнесува 2282. Од оваа бројка досега 1527 лица се излекувани, а 102 се починати, а активни случаи е 613 лица.
Со одлука за изолација од Државниот санитарен инспекторат се 745 лица.