Тевдовски: Средствата за мебел и возила во pредлог-буџетот не се наменети за функционерите

Министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција во Министерството за финансии во текот на промоцијата на веб-апликацијата преку која граѓаните на едноставен начин ќе имаат увид во Буџетот на Република Македонија, односно тој ќе стане подостапен за нив, појасни дека средствата во предлог-буџетот предвидени за набавка на мебел не се однесуваат на мебел во кабинетите на министрите, туку за опремување на училишта, студентски домови, факултети, полициски станици, гранични премини, прифатни центри

Коментирајќи ги пишувањата во медиумите, Тевдовски истакна дека и во ставката наменета за возила не се планирани средства за комфор на функционерите, туку за набавка на возила во здравството, судството и инспекциските служби за да може тие да ги извршуваат своите редовни обврски.

Прашан дали се предвидени средства во предлог-буџетот доколку се одржат предвремени парламентарни избори, Тевдовски со став дека се предвидени средства за она што следува, а тоа се претседателските избори.

Веб-апликацијата е изработена од победниците на ФинХакатонот којшто се одржа во текот на летото во Министерството за финансии. Според министеротевдовски, кој присуствуваше на денешната презентација, Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко.

„Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење“, истакна Тевдовски.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски смета дека со ФинХакатонот им се овозможило на младите луѓе да влијаат врз транспарентноста и ефикасноста на една комплексна јавна институција како што е Министерството за финансии.

„Преку вакви иницијативи сакаме преку практична примена на иновации во јавниот сектор да имаме отворени и транспарентни институции, а граѓаните да добијат поефикасна и поквалитетна услуга“, рече Деспотовски на презентацијата.

Елена Андреева, претставничка на тимот кој ја изработи победничката веб-апликација на ФинХакатонот, вели дека апликацијата треба да го направи буџетот разбирлив за сите. Таа овозможува не само да се добијат бројки од буџетот, туку истовремено има и објаснувања за самите ставки, како и споредби со изминатите години со што се добива јасна слика за буџетот.

За Граѓанскиот буџет изработени се и едукативни видеа. – Видеата се надополнуваат со веб-апликацијата и ја прават сликата уште појасна и поприемчива за целата јавност. Би сакал да истакнам дека она што е добро е што оваа апликација не се однесува само на еден Граѓански буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети, истакна Стефан Митески од тимот кој го изработи победничкото видео на ФинХакатонот.

Граѓанскиот буџет може да го најде на budget.finance.gov.mk.