TI: Еврогрупата делува целосно нетранспарентно, а влијае на милиони луѓе

Еврогрупата, неформалното тело коешто го сочинуваат министрите за финансии на 19-те земји во еврозоната, дејствува целосно вон од контролата на јавноста, иако нејзините одлуки влијаат на милиони луѓе, тврди невладината организација Transparency International во извештајот објавен во вторникот во Брисел.

„Има многу мистериозни работи околу Еврогрупата, институцијата чиишто одлуки влијаат врз животите на милиони луѓе“, се вели во извештајот и се додава дека поради нетранспарентноста на работата граѓаните може да се спротистават дури откако одлуките ќе бидат донесени.

Како „неформална влада“ на еврозоната, Еврогрупата нема вработени, ниту седиште. Таа правно не може ниту да носи одлука, меѓутоа во практиката ги носи преку други институции.

Еврогрупата беше формирана во 1998 година кога започнаа средбите на министрите за финансии на земјите од еврозоната пред секој состанок на Советот за економија и финансии (ECOFIN), кој го сочинуваат министрите за финансии на сите земји членки на Европската унија. Во почетокот Еврогрупата беше само дебатен клуб, бидејќи земјите кои не го прифатија еврото се противеа на создавање на какво и да е моќно тел од коешто тие би биле исклучени.

Сѐ се промени со почетокот на светската финансиска криза од 2008 година, кога Еврогрупата стана централниот актер во спасувањето на проектот на заедничката валута. Драматичната ситуација налагаше тесна соработка меѓу владите на земјите од еврозоната во соочувањето со финансиските пазари, кои станаа закана за самото опстојување на еврото како заедничка валута. Еврогрупата ги дефинираше условите за финансиското спасување на Грција, Кипар, Ирска, Португалија и Шпанија.

Меѓутоа, и покрај новите овластувања и одговорноста, и натаму е нејасно што претставува точно Еврогрупата, какви одлуки носи и како дејствува, наведуваат од Transparency International. „Тој недостиг од транспарентност силно влијае на нејзината одговорност, а со тоа и на нејзиниот легитимитет. Еден од главните заклучоци е дека Еврогрупата ја избегнала и сѐ уште ја избегнува одговорноста која произлегува од нејзиното сеевропско влијание“, се истакнува во извештајот.

Од Transparency International наведуваат дека и покрај тоа што одлуките во Еврогрупата се носат едногласно, во практиката малите држави тешко може да ги блокираат одлуките на големите. „Знаењето е моќ, а само Германија и Франција имаат ресурси за процена на сите национални политики и за читање на сите мислења и препораки на Комисијата за сите земји членки. Тоа значи дека мнозинството земји носат одлуки за отфрлање на буџетите на поедините членки, а притоа да немаат соодветни ресурси самостојно да ги анализираат“, додаваат авторите на извештајот.

Transparency International предлага низа мерки коишто делумно би можеле да го отстрани приговорите за нетранспарентноста. Меѓу другото, предлага правилата за транспарентноста, коишто важат и за другите институции, да се применуваат и на Еврогрупата, како што е објавување на дневен ред и воспоставување регистар на придатените документи.

Се предлага и зголемување на влогот на Европскиот парламент во Европскиот семестар, механизам за координација на економските политики на земјите членки и задолжително поднесување извештај од претседателот на Еврогрупата пред Европскиот парламент.

Се вели, исто така, и дека воведувањето функција постојан претседател со полно работно време на Еврогрупата, би можело да ги отстрани приговорите за судир на интересите. Имено, Еврогрупата нема претседател со полно работно време, туку со неа претседава еден од министрите за финансии кои седат во Еврогрупата.

За разлика ECOFIN, чиишто претседателство ротира на секои шест месеци, од 2005 година Еврогрупата од своите редови го бира постојаниот претседател на мандат прво од две а подоцна од две и пол години. Првиот претседател на Еврогрупата од 2005 до 2013 година беше сегашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој тогаш беше луксембуршки премиер и министер за финансии. Го наследи холандскиот министер за финансии Јереон Дијселблом, од 2013 до 2018 година, кога должноста ја презема сегашниот претседател, португалскиот министер за финансии Марио Контено.