Поранешниот шпански фудбалски репрезентативец Тиаго Алкантара во понеделникот вечерта објави дека става крај на својата играчка кариера, но многу брзо би можел повторно да се активира во фудбалот, но во друга улога.
„Секогаш ќе бидам подготвен да го вратам она што го добив и благодарен сум за времето што го минав. Му благодарам на фудбалот. И на сите што ме следеа и попатно ме направија подобар играч и личност“, напиша 33-годишниот играч за врска на социјалната платформа Х.
Последните четири сезони од кариерата Алкантара ги мина во Ливерпул, а претходно настапуваше за Барселона и Баерн. Повредите го спречија да даде значаен придонес на „Енфилд“ минатата сезона, бидејќи играше само пет минути поради постојаните проблеми.
Во 2011 година, Алкантара ја освои Лигата на шампионите со Барселона, но својата најдлабока играчка трага ја остави во Минхен, каде исто така се здоби со култен статус меѓу навивачите, откако тогашниот тренер на Баерн, Пеп Гвардиола, го регрутира да дојде од Барселона во 2013 година. Гвардиола толку многу го посакуваше Алкантара во својот тим што инсистираше да се обиде да го ангажира во преодниот рок со слоганот „Тиаго или ништо“. На крајот Баерн го донесе во трансфер вреден 25 милиони евра.
Тиаго играше во Баерн од 2013 до 2020 година и со клубот освои седум шампионски титули во Германија, четири германски купови и стигна до вториот триумф во Лигата на шампионите во минатата сезона, кога тренер беше Ханси Флик.
Поранешниот германски селектор, по оставката што му ја врачи на Чави Ернандез, е избран за нов тренер на Барселона, каде, според инсајдерски вести, сака да го врати Тиаго во улога на еден од неговите помошници.