Тиаго Мота и официјално е нов тренер на Јувентус

Италијанскиот фудбалски великан Јувентус на својата интернет страница официјално во средата објави дека нов тренер на ториснакта „Стара дама“т е 41-годишниот Тиаго Мота, досегашен тренер на Болоња.

На оваа позиција Мота ќе го наследи Масимилијано Алегри, а италијанските медиуми пренесуваат дека Мота потпишал договор вреден 3,5 милиони евра по сезона, со тоа што примањата би се искачиле на максимални пет милиони евра со бонуси. Мота и Јувентус потпишале договор за соработка до јуни 2027 година.

Во штотуки завршената сезона Јувентус се пласираше на третото место во Серија А, додека Мота и неговата Болоња беа најпријатното изненадување на прванството и на крајот завршија на петтото место.

Мота е роден во Бразил, но долго време има италијански пасош. Како фудбалер одигра еден натпревар за Бразил и 30 натпревари за Италија и постигна еден гол. Работеше како тренер во Џенова, Специја и Болоња.

Одлична играчка кариера стои зад Тиаго Мота, кој го носеше дресот на Барселона, Атлетико Мадрид, Џенова, Интер и на крајот ПСЖ.