Македонија

Тигрите на колена, 30 припадници на специјалната единица преместени во кучкара

Тигрите на колена, 30 припадници на специјалната единица преместени во кучкара

Од денеска 30 припадници на Тигрите со потпис на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, под казна се распоредени во Единицата за службени кучиња, дознава „Нетпрес“.

Според информацијата причината поради ова е нивниот оправдан револт поради политичкиот пазар на релација СДСМ-ДУИ на сметка на Единицата, во која по коалициски клуч треба да дојде заменик-командант Локман Сељими предложен од ДУИ.

Сите 30 припадници се распоредени по предлог на нивниот командант Митко Даневски кој во немоќ да го контролира оправданиот револт се одлучил да достави до Спасовски предлози за нивно отстранување од Единицата, се вели во информацијата.

За политичкиот пазар кој постои на сметка на оваа единица јавност беше неодамна запознаена, но сега ова групно распоредување всушност отвора пат за нови 30 партиски активисти на ДУИ кои заедно со новиот заменик командант без никаков критериум ќе влезат во оваа елитна единица. Инаку, досега во овие 30 сменети специјалци, државата во просек инвестирала по 100.000 евра од лице во нивна селекција, обука, тренинг и опрема, пренесува „Нетпрес“.

Во информацијата се вели дека со еден потпис Спасовски поништува драгоцена бројка на докажани специјалци кои изминатиот период поминаа ригорозни специјалистички алпинистички, нуркачки и обуки за напад од воздух и со тоа свесно ги намалува капацитетите за справување со кризни ситуации на македонската полиција.

Дополнително, секој од распоредените специјалци губи во просек од 20 до 25 илјади денари од својата плата бидејќи им се укинува додатокот на плата како припадници на Тигрите. Намерно, ниту еден од нив не е прераспореден по полициски станици или во местото на живеење, со цел понижувањето и казната за овие елитни воини да биде занимавање со област која не им е дел од нивната обука, а тоа е водење на кучиња по спортски натпревари и јавни манифестации, дознава „Нетпрес“.