ТикТок престана да функционира во САД

ТикТок во САД престана со работа во саботата навечер, околу два часа пред да стапи на сила забраната за оваа социјална мрежа. Тоа значи дека е невозможен пристапот до една од најпопуларните апликации на социјалните мрежи во светот, со околу 170 милиони корисници само во САД.

„За жал, ТикТок не е достапен во моментов. Во САД е донесен закон за забрана на ТикТок. За жал, тоа значи дека засега не можете да го користите ТикТок“, гласи пораката што ја добија американските корисници на апликацијата.

Врховниот суд во петокот ја потврди забраната што беше усвоена со широка двопартиска поддршка во Конгресот и потпишана како закон во април од претседателот Џо Бајден. Законот ги спречува американските компании да хостираат или да служат содржини за платформата за социјални медиуми во кинеска сопственост, освен ако таа не се продаде на купувач од Соединетите држави или некој од нивните сојузници.