Винарската визба „Тиквеш“, со своите ресурси и експертиза, активно ќе учествува во партнерството со кое приватниот сектор ќе се ангажира за развој на кадар во државата, во рамки на активноста која е кофинансирана од М6 Едукативен центар и Владата на Швајцарија, преку проектот „Образование за вработување“ спроведуван од „Хелветас“.
Целта на Проектот е преку специјализирани обуки кои ќе бидат дизајнирани согласно претходно идентификуваните потреби, да им се овозможи на домашните мали и средни компании пристап до нови знаења, вештини и различен вид експертиза кои ќе им помагаат да го зголемат нивниот потенцијал за раст и одржлив развој.
Со учеството во овој проект „Тиквеш“ одново покажува дека е компанија која се залага за зголемување на капацитетите и квалитетот на работењето на приватниот сектор како главен двигател на економскиот развој на земјата.
„Највредните и најефективните инвестиции за развојот на компаниите се континуираните вложувања во ново знаење на вработените на сите нивоа, во постојано унапредување на нивните вештини, како и во технолошки иновации и дигитализација, следејќи ги глобалните трендови и стандарди за одржливост, добро управување и заштита на животната средина (ESG). Истовремено, свесни за своето значење и својата општествено одговорна улога, спремни сме да го споделуваме нашето знаење со кооперантите и со останатите компании. Единствено со заедничкото делување можеме да го пребродиме непознатото“, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ Светозар Јаневски, во рамки на панел-дискусијата со која е официјализиран почетокот на реализацијата на проектот.
„Тиквеш“ е исклучително посветен на развојот на кадри и нивно постојано стручно усовршување. За таа цел, компанијата континуирано спроведува различен вид обуки и тренинзи, кои покрај за вработените и менаџерите во компанијата, се достапни и за соработниците, деловните партнери и останатите компании во земјата.
На полето на едукацијата, „Тиквеш“ ја формираше школата „Вински едукатор“ која работи согласно програмата и акредитацијата од престижната Лондонска школа за вино и жестоки пијалаци (WSET) и која нуди обуки според највисоки светски стандарди.
Дополнително, компанијата воспостави соработка и ги донесе во нашата земја најпознатите светски експерти во областа на винската индустрија, а од неодамна започна соработка и со една од најреномираните светски консултантски компании во областа на лозарството – Перлеуве од Италија, предводена од Џовани Бигот – водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството. Нивното знаење, како и знаењето на уште голем број други домашни и странски експерти кои во изминатите години соработувале и биле ангажирани од „Тиквеш“, е ставено на располагање на сите партнери, меѓу кои и на лозарите, како и на останатите компании во агро-индустријата. На овој начин „Тиквеш“ дава значаен придонес лозарството и винската индустрија да бидат во чекор со светските трендови и да се подигне целокупното ниво на конкурентност на овие важни сектори за македонската економија.