Тимот на Обединетите нации кој го посети невралгичниот регион Нагорно-Карабах во Азербејџан не видел штета на цивилната инфраструктура како болници, училишта, домови или културни и верски објекти, изјави портпаролот на светската организација, Стефан Дужарик.
Во неделата, тимот го посети главниот град на Нагорно Карабах, кој Ерменците го нарекуваат Степанакерт а Азербејџанците го нарекуваат Канкенди. Посетата дојде откако азербејџанските сили ја презедоа контролата врз енклавата, која е на нивна територија, но историски е населена со етнички Ерменци, што предизвика егзодус на повеќе од 100.000 луѓе.
„Нашите колеги се изненадени од ненадејниот начин на кој локалното население ги напуштило своите домови и страдањето што им го предизвикало ова искуство“, изјави Дужарик за новинарите.
„Тие не нашле никакви извештаи, ниту од локалното население, ниту од други, за насилство врз цивили по последниот прекин на огнот. Тимот на ОН не забележа уништена земјоделска инфраструктура или мртви животни“, додаде портпаролот на ОН
Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење, тврдење кое Баку го негираше. Азербејџанските власти тврдат дека Ерменците од енклавата се добредојдени да останат на таа територија. Азербејџан, исто така, вели дека нема намера да ја нападне Ерменија.
Ерменија во понеделникот ја повика Европската унија да го санкционира Азербејџан поради неговата воена операција во Нагорно-Карабах и предупреди дека Баку наскоро ќе ја нападне Ерменија доколку Западот не преземе цврста акција.
Целта на мисијата на ОН е да се види ситуацијата на терен и да се идентификуваат хуманитарните потреби на луѓето кои останале и оние што бегаат, рече Дужарик, додавајќи дека претставниците на заедницата им рекле на претставниците на ОН дека „во моментов има меѓу 50 и 1.000 етнички Ерменци во Карабах“.
Тимот верува дека довербата треба повторно да се изгради, што бара време и напор од двете страни, рече Дужарик. „ОН планираат да продолжат со редовните посети на регионот“, додаде.