![virgin-media-business](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/05/virgin-media-business.jpg?resize=640%2C480&ssl=1)
Дванаесет тимови во Скопје се натпреваруваа за титулата најдобра студентска компанија во бизнис план натпреварот „Брилијантни млади претприемачи“. Титулата ја доби тимот SEA GAMES и ја освои наградата од 15.000 евра.
Покрај паричната награда тимот ќе добие и консултантски услуги од страна на експерти соодветни за дејноста на компанијата. Дејноста на SEA GAMES е креирање на мобилни апликации (игри) за деца на македонски јазик. Апликациите ќе бидат од едукативен карактер, соодветни за различни возрасти, како и за деца со посебни потреби. Со нив преку игра на еден забавен начин, децата ќе можат да ги развиваат логичко-когнитивните способности и моторните функции.
Тимовите се претставија со бизнис планови од најразлични области: софтверска платформа за мали претпријатија; мобилна апликација за туристи; закажување услуги преку мобилен телефон; мултимедијален музичко- училиштен центар; сервис за перење алишта наменет за студенти; пакување и продажба на свежи салати; едукативни игри за деца; маркетинг агенција за мали претпријатија со користење на техниката “тропни на врата”; рекламни панели кои имаат интегриран дисплеј кои реагира на допир, движење, контакт со очи и говорна команда; мобилна апликација за таблети и паметни телефони со која ќе се овозможи виртуелен 3Д приказ и презентација на производи со помош на технологијата на надополнета реалност; веб портал за самовработување, пракса и соработка помеѓу индивидуи, студенти и компании.
„Брилијантни млади претприемачи“ е европска иницијатива која се спроведува во 17 европски земји и има за цел да ги поттикне младите претприемачи да ги претворат своите бизнис идеи во реален бизнис. Намалувањето на невработеноста и создавањето на можности за вработување на младите луѓе се едни од клучните приоритети на оваа иницијатива.