Тимотеј даде благослов да се вакцинираат монасите во неколку манастири

Почна процесот на имунизација против ковид-19 на членовите на монашките заедници и на лицата кои престојуваат во Бигорскиот и во манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино.

– Нашето монашко братство, како и сестринствата од манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино доброволно и едногласно одлучија да пристапат кон вакцинација, со цел да дадат придонес во сузбивањето на злокобниот вирус што веќе две години го бранува светот и однесе бројни човечки жртви, но нанесе и тешки удари на светската економија, што мошне неповолно се одразува и во македонското општество – информира отец Кирил.

Тој додава дека тоа е со благослов на нивниот надлежен митрополит, неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, дебарско-кичевски и на навниот старец и игумен, неговото богољубие, епископот Антаниски г. Партениј.

– Во меѓувреме, нашата монашка заедница продолжува усрдно да се моли за постраданите од коронавирусот, за нивните ужалени семејства, за севкупниот медицински персонал, кој откако започна пандемијата го понесе најголемиот товар, човекољубиво жртвувајќи се себеси за спас на секој човечки живот. Нашата благодарност кон медицинските работници е огромна и нашите скромни молитви се постојано со нив – вели отец Кирил.