Тиранија на малцинството

Политичкото раководство на Aлбанците во Македонија очигледно живее со идеите на минатиот век и не е излезено од шинелот на марксистичко ленинистичката матрица на размислување и делување во кое концептот на колективизам, каде поединецот е подреден на групата, а неговата слобода е ништо без слободата на групата на која припаѓа. За партиите на Албанците во Македонија поединецот е сведен на аморфна маса која се обликува како пластелин врз основа на добрата и вредностите што ги определува политиката на групата, а не добрата и вредностите што ги следи секој поединец самостојно во процесот на својата самореализација.

Македонската демократија е брутално нападната. Како поинаку да се оценат случувањата на прославата на денот на албанското знаме. Секако уште еден морално празен националистички ритуал на албанското малцинство во Македонија, кое успеа целосно да ја соголи демократската етика на која почива нивната политичка (не)култура. Палењето на државното знаме (а не туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница како што ќе забележи спикерот на Парламентот Гаши) е она што се случува кога оние што бараат заштита од силите на слободата и владеење на правото се трансформираат во модерни тирани, свесни за ранливоста на македонската кревка демократија. Со години, да не кажам децении, сведоци сме како низ притисоци, уцени и антисоцијално однесување албанското малцинство во Македонија покажува и манифестира изразита нелојалност кон државата чии државјани се, без да  имаат  исправно гледање за широчината на правата за кои се залагаат и за тоа до каде можат да одат со своите барања. Нашиот Устав не направи уникатно ранливи на напади, дозволувајќи им на партиските малцинства доследно да ја деформират и ослабнат парламентарната демократија. Како можеме да успееме да ја заштитиме демократијата од радикалните изблици на национализам кои ја поткопуваат, дестабилизираат, па дури и се закануваат да ја уништат одвнатре? И после се, како очекуваат да го толкувам нивното однесување на денот на прославата на албанското знаме поинаку, освен како сецесионистичко?

Сецесијата е секако најконтраверзното од сите права на кои инсистираат малцинствата. Самата  идеја за сецесија е непопуларна затоа што го става под прашање опстанокот на државата и поредокот на основа на кој е структуирана истата. Многумина автори ќе забележат дека сецесијата е зло кое ако се легализира ќе доведе до нарушување на меѓуетничките односи во општеството со крајна последица – војна. Дали е тоа она што посакува албанското малцинство во Македонија? Или сме сведоци на манипулација со стравот како силна алатка за политички пазар и избегнување на одговорност за криминалното владеење во последните седум години. Она од кое не може да избега ни едно малцинство, па ни албанското во Македонија, е дека сецесионистичките елементи во нивното однесување низ историјата предизвикувале авторитарни реакции кои ги загрозуваат самите основи на секој политички систем – нашиот не е исклучок. Сепак, малку е веројатно дека современата верзија на правото на самоопределување ќе им обезбеди на албанското малцинство во Македонија право на отцепување. Тоа значи дека модерното издание на правото на самоопределување е право на инклузија наместо право на исклучување, или сецесија. Во неговата сегашна верзија, ова право е право на демократија, што не вклучува никакво право на отцепување.

Политичкото раководство на Aлбанците во Македонија очигледно живее со идеите на минатиот век и не е излезено од шинелот на марксистичко ленинистичката матрица на размислување и делување во кое концептот на колективизам, каде поединецот е подреден на групата, а неговата слобода е ништо без слободата на групата на која припаѓа, се уште е доминантен како политичка идеологија на едно историски поразено време. За партиите на Албанците во Македонија поединецот е сведен на аморфна маса која се обликува како пластелин врз основа на добрата и вредностите што ги определува политиката на групата, а не добрата и вредностите што ги следи секој поединец самостојно во процесот на својата самореализација. Тоа е тој деформиран граѓански концепт кој го нуди албанскиот политички блок партии каде патриотизмот кон правата е заменет со патриотизам кон групата; каде свесно се жртвува индивидуалното за групното и посебното добро за сметка на доброто на групата. Во петокот видовме, како многупати порано, како идентификацијата на албанското малцинство во Македонија е, и останува, низ групата, кога  поинаку не се  може, не се  сака, а и не се способни за тоа. Станува јасно дека демократијата во Македонија е на крстопат и мора да се реформира сега, ако не сака да дегенерира во владеење на малцинството.

Но, секогаш во време на кризи тука е СДС да не потсети дека низ племенската солидарност ќе го добиеме чувството на сигурност и безбедност во државава, додека оживувањето на племенските културни вредности ќе ја врати смислата на заедничкиот живот во Македонија. Повикот на СДС за лидерска средба не е ништо друго до оттргнување од демократските принципи на владеење во корист на племенскиот начин на водење политика во разрешување на малцинскиот проблем во државава. Затоа лидерските средби се повеќе наликуваат на собири на племенскиа лидери – македонски инкубатор на племенски политики. И, затоа не гледам повеќе потреба од нив. А, и Премиерот јасно стави до знаење дека нема потреба за лидерска средба сега, а  се надевам ни во иднина.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес