Во петокот 21-ви февруари во болницата близу Падова, на северот на Италија, почина Адријано Тревисани, кој ќе остане запаметен како првата жртва на новиот тип коронавирус во Европа, а од тогаш во неговата земја за еден месец боелста однесе речиси 5.000 животи.
Во својот осврт агенцијата AFP прашува кој од 60-те милиони Италијанци тогаш мислел дека ќе мора да ја почитува одлуката за строга изолација за којашто никој ниту знаеше дали ќе важи? Кој тогаш мислел дека со земјата ќе завладее молкот, дека гондолите ќе останат приврзани на понтоните во Венеција на неодредено време, и дека во Рим и Милано ќе може да се слушне појот на птиците?
Тој ден кога во 78-та година од животот почина Адријано Тревисани, пензиониран ѕидар кој сакал да риболови и да игра карти со пријателите во барот во своето село Во, во Венето, модните креатори Версаче и Франки Морело во Милано ја претставуваат својата нова колекција, навивачите на Лацио сонуваат за шампионската титула по годините на просечна игра. Во преполните барови и ресторани се дискутира за нестабилноста на владата на Џузепе Конте.
Вистина, парковите се веќе затворени во десетина општини на северот, воведени се мерки на изолација, првенствено во Кодоњ, близу Лоди, каде што пристигнуваат новинарите, честопати без маски. Но премиерот Конте ги смирува сонародниците и тврди „Сѐ е под контрола“.
Ден по смрта на Адријано Тревисано, дневните весници сепак му ги посветуваат насловните страници на коронавирусот „Зараза која ја плаши Италија“(La Stampa) и „Страв на северот“(La Repubblica).
Меѓутоа, тој страв не ги зафати Италијанците сѐ до викендот 7-ми и 8-ми март, кога по остриот раст на бројот на заразените на северот, во прв ред во Ломбардија, е прогласен карантин за 10 милиони жители.
Илјадници луѓе бегаат, многумина на југот, каде што се родени, ширејќи ја болеста. Меѓу позитивините случаи во Апулија, петицата на италијанската „чизма“, голем е бројот на роднини на оние кои учествувале во тој егзодус. Во оваа покраина починаа 26 луѓе.
Ноќта од 9-ти кон 10-ти март Џузепе Конте со сериозен глас во официјално обраќање го проширува карантинот на целата земја. Продавниците, освен прехранбените, се затвораат, патувањата се дозволени само за потребите на работата и во случаи на вистинска лична потреба, собирите се забранети, па така и мисите. Резултатите ќе се видат за две седмици, предвидува премиерот.
Италијанците секој ден слушаат сѐ поцрни вести, а во саботата речиси 800 луѓе починаа за 24 часа. Црквите се затворени, луѓето во редици чекаат пред продавниците во кои влегуваат во помали групи, погребите се сведуваат на благослов во најтесниот семеен круг. Полицијата сега извршува 200.000 проверки на ден. Наскоро може да ѝ се приклучи војската.
Мерката за изолација којашто требаше да трае до 3-ти април ќе се продолжи. Ја поддржуваат големо мнозинство граѓани, покажува анкетата објавена во четвртокот во La Repubblicа.
Меѓутоа, претседателот на кинескиот Црвен крст, Сун Шупенг, кој дојде на Италијанците да им го пренесе своето искуство со пандемијата којашто започна да се шири од неговата татковина, мисли дека „мерките коишто тука се носат не се доволно рестриктивни“.
„Морате да ја прекинете секоја стопанска активност. Сите мора да останат дома“, предупреди во четвртокот.