Седмото издание на големиот целодневен џез хепенинг под наслов Today It’s All About Jazz, во организација на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје ќе се одржи на 30 април (недела) во 13 часот во паркот „Ибни Пајко“. Хепенингот е во чест на Меѓународниот ден на џезот прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.
Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок.
Здружението на џез музичари седми пат го организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од Хенког. Изминативе 6 години, на сцената на Фестивалот Today It’s All About Jazz настапија огромен број на имиња, некои од нив мега-популарни, а некои пак тука ги направија првите чекори во џез музиката.
Хепенингот ќе започне со работилница за деца од 4 до 11 години што ќе ја води пијанистот Гордан Спасовски. Децата – учесници ќе се запознаат со основите на џезот, со музичките инструменти (ритам секција: пијано, бас, тапани, гитара, солистички инструменти), но и ќе бидат дел од процесот на создавање џез музичка композиција која на крајот ќе биде изведена пред публика.
По џез работилницата следува настап на младински џез состав во кој членуваат Петар Марков – Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас). Filip Dinev Trio ft. Tilman Oberbeck/Jan Zeimetz e најновиот авторски проект на македонскиот гитарист и композитор, Филип Динев, кој го реализира во соработка со Тилман Обербек на контрабас и Јан Цајмец на тапани/перкусии.
Триото настанува во Хамбург, и претставува еден од најавтентичните и најактивните музички џез состави во регионот. Елементи од џез, балканска и класична музика се интегрален дел од композиторскиот печат на Динев. Концертот е навестување на новиот албум на триото, со наслов „Romann“, и второ интернационално авторско издание на Динев, снимено во Хамбург.
Квартетот „Акварела“ е група која од неодамна работи во Скопје. Составена е од Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани, и парот добро познати музичари на македонската сцена: Ѓоко Грујовски – гитара и Маја Капсарова- бас. Името кое го носи овој проект (океанско-сина боја) е тесно поврзан со стилот кој оваа група го негува, а тоа е бразилски џез и боса нова.
На хепенингот ќе настапи и Никола Бочваров квартет. Покрај Бочваров кој е лидер на бендот, го сочинуваат Стефан Алексовски на клавијатури, Иван Петровски на гитара и Александар Ванчовски на тапани. Бочваров е дипломиран контрабасист при Факултетот за музичка уметност во Скопје , оддел за популарни жанрови, додека џез едукација има стекнато на Franz Schubert Konservatorium во Виена. Големото искуство и обемната работа во изминатите дваесетина години го направија еден од најбараните и најмаркантни басисти кај нас.
Новиот албум на Бочваров „Гласна тишина“ е едно од поголемите негови уметнички достигнувања. Тој претставува најдобар опис за неговата креативност, стручност, компетентност и сведоштво за неговото долгогодишно искуство.
Освен домашни џез-имиња, на манифестацијата ќе настапат и гости. Меѓу нив се Јуре Пукл Орган трио заедно со Марко Чрнчец и Крис Смит. Јуре Пукл е словенечки џез-музичар (тенор и сопран саксофон, бас кларинет, композиција) кој свири модерен џез.
Марко Чрнчец е еден од најпознатите современи музичари и најреномираните словенечки музичари, со седиште во Њујорк. На меѓународната сцена, тој е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент кој лесно се движи низ жанрови, особено низ џез, класична и популарна музика.
Крис Смит е професор на Универзитет за музика и изведувачки уметности Грац, Австрија. Во Њујорк редовно настапува со Биг Бендот Birdland.
Ќе гостува и нигерискиот пејач Адедеџи, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист. Неговиот бенд составен од девет луѓе вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија, најгруви ритам-секција, прекрасни машки и женски придружни вокали и неверојатна дувачка секција кои го надополнуваат афро-бит звукот.
Музиката на Адедеџи се движи во рамките од соул до џез, до блуз, до фанк, до традиционална јорупска музика. Текстот на неговите песни е на јорупски, англиски и Пиџин англиски. Во текстовите, Адедеџи го разгорува традиционалниот идентитет на јорупската култура користејќи гатанки и поговорки и зборувајќи за општеството.
За оваа прилика ЗЏМ бендот ќе го изведе проектот Запа – неповторливиот Френк Запа.