Тодоров: Да не го избереа Џафери така, ништо немаше да се случи

Во Основниот суд Скопје 1 денеска продолжи судењето за „крвавиот четврток“ со сведочењето на Никола Тодоров.

Според неговото сведочење, откако на 27 април 2017 година Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, кое според Тодоров, дел од пратениците го направиле во дел каде не требале да го нарават, тој со дел од неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ се упатил кон кабинетот на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељановски.

Слушнавме голема галама, излегов од кабинетот и видов дека голем дел беа влезени во Собранието. Дел од луѓето се упатија кон кабинетот на Вељановски. Јас застанав со еден од неговото обезбедување и дојде до мало кошкање меѓу нас и тие што сакаа да влезат во кабинетот. Но тоа не беше ништо сериозно. Се симнаа надолу кон пленарната сала, видов беше исполнета со луѓе кои воопшто не беа насилни, пееја и вееја знамиња, објаснуваше Тодоров на денешното судење.

Тој сведочеше дека во текот вечерта му се јавила Радмила Шеќеринска и му рекла дека во прес салата има човек кој најверојатно е мртов. По ова тој повикал медицински екипи и отишол во прес салата.

Ми се јави Радмила Шеќеринска. Ми кажа дека се во прес-салата, беше во паника. Ми кажа дека еден човек е најверојатно мртов. Тогаш ѝ се јавив на Тања Баевска, директорката на Здравствениот дом Скопје, да прати екипи на прва помош. Успеав да ги евакуирам Села и Шеќеринска. Него го маскирав во полицаец со значка, а Шеќеринска во докторка со бел мантил, маска, капа и торба. Ги товарив во амбулантно возило и ги однесов во Клиничкиот центар, сведочеше Тодоров.

Тој уште кажа дека вечерта уште два пати пробал да влезе во прес салата.

Се упатив кон прес салата, се обидов да влезам, но не успеав. Ме отурнаа некои луѓе и моето обезбедувањето ме извлече и ме однесе во гаражата. Ноќта уште два пати се обидов да влезам, но не успеав. Обезбедувањето ме извлекуваше, сакаа да ме заштитат. Народот беше гневен од начинот на избор на претседател и пеење на албанската химна. Да не се случеше тоа немаше да се случи ништо дента , сведочеше Тодоров.

На денешното рочиште треба да сведочат уште и Весел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски.