Тодоров: Со новиот Центар ќе се подигне квалитетот и успешноста на трансплатацијата

Сите показатели беа во правец дека мораме да направиме центар за трансплантација каде сериозно ќе се подигне нивото на квалитет на оваа услуга. Ова ќе биде центар на извонредност каде очекуваме смртноста да биде под 1 процент, тоа мора да биде.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека она што многу го загрижува е високиот процент на морталитет. Петнаесет проценти, посочи, е смртноста, а во светски рамки е под еден отсто, пренесува МИА.

 Трансплантацијата е проект кој сериозно го поддржувам и кој успеавме да го дигнеме на високо ниво од аспект на број на трансплантации, иако пред тоа имаше три, четири или пет трансплантации, сега годишно имаме 40 трансплантации, што значи дека има волја од страна на државата трансплантацијата сериозно да се развива и да се зголемува бројот.

Според него, процентот на морталитет е многу висок. Од друга страна, појасни, во светски рамки задржувањето на бубрегот во првата година е над 97 проценти, а кај нас овој процент бил веројатно нешто под 80.

Така што сите показатели беа во правец дека мораме да направиме центар за трансплантација каде сериозно ќе се подигне нивото на квалитет на оваа услуга. Ова ќе биде центар на извонредност каде очекуваме смртноста да биде под 1 процент, тоа мора да биде, нагласи Тодоров.

Потенцира дека треба смртноста по трансплантација да биде под европскиот просек, а не двојно или тројно или десет пати повеќе од европскиот просек, тоа е недозволиво,

Затоа ве молам и новинарите, јавноста, а посебно некои структури кои пробуваат на секој можен начин да наштетат да се воздржат од вакви квалификации, од тотални дезинформации и од клеветење за нешто што не се случува. Треба да се внимателни со ова. Сепак трансплантацијата е сложен процес и не смее да се дозволи, не треба да се дозволи да имаме многу висока смртност и не треба да се дозволи пациентите да бидат изложени на многу поголем ризик од ризикот на кој се изложени пациентите во другите европски земји, рече Тодоров.

Апелираше да не се извртуваат работите во овој дел. Напротив, укажа Тодоров, работиме посветено да изградиме центар кој ќе биде центар на извонредност и каде ќе ги постигнеме овие работи.

На сите тие кои се противници на овој центар, се противници веројатно затоа што се дел од оваа смртност од 15 проценти, додаде Тодоров.