Тодоров: Пациентите кои не одат на закажаниот преглед треба да го откажат

Министерот за здравство, Никола Тодоров на денешната прес конференција истакна дека минатата година не биле реализирани 433.785 упати, односно толку термини за преглед биле закажани, а пациентите кои ги закажале не дошле.

Тој додаде дека од почетокот на годинава 121.073 термини не се реализирани што значи просечниот процент на недоаѓање на термин е 14,4 од вкупниот број закажани термини (во двете години).

Тодоров апелираше на подигнување на свесноста кај пациентите секогаш кога ќе се закажат термин за преглед да одат на прегледот. Тој посочи дека оние кои не планираат да одат на закажаниот термин за преглед тогаш треба да го откажат за да можат други пациенти да закажат термин за преглед и да не се зголемува времето на чекање за преглед.

Најмногу нереализирани упати (над 30 проценти), потенцира, има на клиниките за онкологија, радиологија и неврологија, односно пациентите не дошле на закажани термини.

– Во текот на една година се креираат 3.046.624 термини. Над три дена во овој момент чекаат 124.500 пациенти, а во исто време само годинава не дошле на преглед 121.073 лица. Ова значи дека доколку сите кои закажуваат термин за преглед дојдат, нема да има за ниту една специјалност да се чека повеќе од три дена или тоа ќе биде реткост, истакна Тодоров.

Појасни дека 5.400 пациенти минатата година закажале термин, а не дошле на преглед на магнетна резонанца. Според него, тоа е огромна бројка имајќи предвид дека вкупниот број на прегледи во текот на еден месец е 1.400.

Ова, нагласи Тодоров, значи дека повеќе од три месеци во текот на годината сме изгубиле неефективно чекајќи да дојдат пациенти кои закажале преглед, а не дошле.

– После тоа има чекање за магнетна резонанца. Ова е единствената причина. Минатата година на закажан преглед на компјутерска томографија не дошле 10.000 пациенти, а вкупниот капацитет на јавното здравство месечно е 5.000 прегледи. Тоа значи два цели неефективни месеци. Ако не дошле, а откажале многу веројатно е дека за компјутерска томографија истиот ден ќе се завршува работа или најмногу наредниот ден. Ова се јасни показатели и овие анализи се многу значајни да се пренесат и да се промени начинот на размислување и пристап кон системот „Мој термин“, рече Тодоров.

Посочи дека секогаш кога некој има закажано термин, а не се појави на преглед, му го земал времето и местото на некој на кој му е неопходен тој преглед, а кој не можел да го реализира брзо затоа што некој закажал, а не дошол на преглед.

– Направивме и анализа за докторите кои доцнат на преглед. Во февруари 18 доктори доцнеле три или повеќе пати подолго од еден час во текот на месецот, а овој месец 27 доктори. За сите овие доктори кои доцнат ќе бидат известени директорите со цел да си преземат мерки. Доктор не смее да доцни на закажаниот термин, тоа е законска обврска и има точно предвидено колку може да се доцни, колку е периодот на толеранција и тој треба да се почитува, рече Тодоров.

Кога има определени објективни причини, укажа, тогаш нема никаков проблем и не треба да се преземаат санкциски мерки – на пример, имало итни пациенти, или некој колега на докторот се разболел, не би на работа, па тој ги презел неговите пациенти тогаш можно е да има вакви ситуации. Но, според министерот, ако нема вакви објективни пречки овие доктори треба да се опоменат.

– Доктори кои извршиле најмногу амбулантски прегледи во период од три месеци се: Викторија Перцан од Клиниката за ендокринологија која има реализирано 1.700 амбулантски прегледи, Киро Зафиров, ортопед во ГОБ „8 Септември“ со 1.285 прегледи, Наталија Ангелова, интерна медицина од Клиничката болница-Битола – 1.000 прегледи, Зоран Шишков, ортопед во Штип – 1.165 прегледи и Фатмир Рушани од Клиничка болница Тетово – 1.507 прегледи, додаде Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека докторите со најголем број амбулантски прегледи можат да бидат наградени во рамки на нивната здравствена установа.

За пациентите кои навреме не го откажале терминот за преглед рече дека казни не вовеле, вовеле можност болницата доколку оцени директорот, на пациентите кои повеќе пати во текот на една година не доаѓаат на закажан преглед, тој да им биде наплатен.