Прифативме мерка да се продолжи зимскиот распуст до 23 јануари, односно второто полугодие наместо на 18 јануари, како што беше предвидено, да почне на 23 јануари. Оваа мерка е повеќе од потребна имајќи ја предвид тенденцијата на намалување на бројот на заболени од грип од 0 до 14 години во време на распустот, рече министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција, што ја одржа заедно со членови од Комисијата за заразни болести.
Исто така, додаде тој, донесена е мерка и за темелна секојдневна дезинфекција на автобусите во градскиот сообраќај во Скопје, но и во останатите градови каде има организиран градски сообраќај.
Последната мерка која ја усвоивме е мерката за темелна дезинфекција на сите училишта пред почетокот на второто полугодие, информира министерот за здравство.