Со законската мерка за вработување на млади до 29 години со ослободување од плаќање на придонеси и со Проектот Македонија вработува во Македонска Каменица реализирани се 90 вработувања, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната средба со граѓани и млади, во рамки на работната посета на Македонска Каменица.
Во врска со прашањето за употреба на канабис во медицински цели, Тодоров истакна дека измените на Законот за опојни дроги и психотропни супстанции се стапени на сила, а подзаконските акти се изготвени и во фаза на усогласување.
Со подзаконските акти се регулира начинот на издавање на овие препарати во аптеките. Пациентите кои ќе имаат потреба од овие препарати ќе можат да ги земаат на месечно ниво, со доза пропишана од лекарот. Со правилникот не е определена максимална доза по пациент, по дијагноза или по единица пакување, имајќи предвид дека ова беше предмет на критики во рамки на јавните расправи на оваа тема, туку истото ќе биде определено од страна на лекарот и согласно состојбата на пациентот и тоа ќе биде дозата што може пациентот да ја подигне од аптека, потенцираше Тодоров.
На средбата со граѓани, Тодоров истакна дека за здравствената станица се набавува нов најсовремен мамограф. Македонска Каменица за првпат ќе добие мамограф со што сериозно ќе се подигне нивото на здравствена заштита во овој регион.