Во следните четири години во здравството се планира силен инвестициски циклус во износ од над 200 милиони евра во здравствената инфраструктира и набавка на нова опрема, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, при денешната посета на Државната клиника за кардиохирургија.
– Само за нова опрема во здравството се предвидува да бидат вложени 33 милиони евра и некаде околу 170 милиони евра во изградба и реконструкција на здравствената инфраструктура, рече Тодоров.
Посочи дека во рамки на Државната клиника за кардиохирургија ќе се гради хибридна сала.
– Хибридната сала ќе значи сериозен чекор напред не само за Државната кардиохирургија, туку на целиот македонски здравствен систем. Тоа е една силна капитална инвестиција што ќе овозможи изградба на сала, каква што нема во целиот регион и ќе биде сериозна придобивка за пациентите од Македонија, но и за целиот регион, рече Тодоров.
Посочи дека тоа ќе значи помалку болнички денови, инвазивни методи, побрзо отпуштање на пациентите од болница, многу помали компликации и сериозно намален морталитет кај најсложените операции.
– Кај еден тип операции морталитетот порано бил и до 40 проценти на светски рамки, а со нови модерни техники тоа е намалено на 20 отсто, а таму каде што има хибридна сала морталитетот е намален на два процента. Тоа е сериозна придобивка за пациентите, но и за целиот здравствен систем, рече Тодоров.
Истакна дека хибридната сала значи во иста просторија да има конвенционална хируршка сала и апарати за интервентна радиологија и крадиологија, што значи дека нема да се користи само за кардиохируршки или крадиоваскуларни интервенции, туку таа ќе може да се користи и за невро хирургија и некои други гранки.
Во следните четири години, потсети Тодоров, е предвидена изградба на Нов клинички центар во Скопје, Клиничка болница во Штип, реконструкција на Клиниката за кардиологија, на Инфективната клиника, Градската општа болница „8-ми Септември“, како и реконструкција на сите амбуланти во Скопје, комплетна внатрешна реконструкција на клиничките болници во Битола, Струмица и Охрид, како и комплетно нова здравствена инфраструктура на трите клинички болници Тетово, Штип и Битола.