Тодоров: Заев сака да дојде на власт со агентурна мрежа и со уцени

Министерот за здравство Никола Тодоров на партиската трибина во Делчево потсети на пустошот што го направил СДСМ во периодот 1995- 97 кога ја разнебитиле економијата под маска на приватизацијата и кога останале без работа околу 200 илјади работници.

-И вие во Делчево знаете кој ги затвори „Фротирка“, „Пирин“ Конфекцијата „Партизанка“, Килимарницата „Гобленка“ , Кожарницата, ЗИК „Сандански“ и како СДСМ избрка од работа 1.700 работници. Ние реализираме програма и проекти, работејќи правиме и грешки, но го слушаме гласот на народот и правиме корекции, рече Тодоров.

Според Тодоров, Заев е човек што сака да дојде на власт со агентурна мрежа, со уцени, најавува и крв. Министерот за здравство ги повика сите партии рационално да размислуваат и постапуваат.

На трибината покрај Тодоров говореа и градоначалникот на Делчево Дарко Шехтанскии пратениците Илија Димовски и Антонио Милошовски.

Отворајќи ја трибината градоначалникот Шехтански ги поздрави присутните граѓани и гостите од париското раководство, а потоа направи краток осврт на реализираните проекти од патната и комуналната инфраструктура во Делчево и населените места, со средства од Владата на Република Македонија и од општинскиот буџет.

– Реконструирани се повеќе локални патишта, изградени се десетици улици, детски игралишта, просторно се проширени детската градинка, основните и средното училиште, истакна Шехтански.