Девет јавни здравствени установи за неколку недели ќе добијат биохемиски анализатори кои ќе ја подобрат точноста, ефикасноста и брзината на издавање на анализите. Новите апарати ќе ги изработуваат анализите двојно побрзо, за 4 до 10 минути, без да користат скапи реагенси.
Министерот за здравство Никола Тодоров кој информираше дека успешно финализираше и се реализираше тендерот, додаде и дека минималната годишна заштеда за здравствените установи, без да се смета набавката на врвниот апарат кој е бесплатен, споредбено со претходната година изнесува над 17 милиони денари, но се очекува заштедата да биде уште поголема.
„Очекувам дека на овој начин, не само што ќе добиеме заштеда на средства, не само што ќе добиеме побрза услуга, туку ќе овозможиме и повисоко ниво на квалитет и точност на биохемиските анализи во Македонија“, истакна Тодоров.
Единаесетте нови анализатори се наменети за Универзитетската клиника за детски болести, Универзитетска клиника за хематологија, Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија, Клиничка биохемија, Градската општа болница „8 Септември“, Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“, Клиничките болници во Тетово, Штип и Битола.