„Тојота“ повлекува 2,4 милиони хибридни возила поради грешка

Само еден месец од објавувањето дека повлекува одредени модели на автомобили, јапонскиот автомобилски гигант „Тојота“ повторно е во неволја и мора да ги информира 2,4 милиони сопственици на хибридни возила за грешка во систем поради која автомобилите губат енергија, објави ББЦ.

Станува збор за возилата „Приус“ и „Аурис“, а од оние со грешка во Јапонија се продадени 1,25 милиони, 830.000 во Северна Америка и 290.000 во Европа. Сите автомобили кои имаат грешка се произведени меѓу октомври 2008 и ноември 2014 година

Се работи за грешка поради која при постигнување на поголеми брзини возилото почнува да откажува со што се зголемува ризикот од судир, објаснуваат од компанијата. Сите сопственици на „Тојотите“ со грешки ќе бидат информирани за тоа, а проблемот се решава со ажурирање на софтверот, што трае околу 40 минути.

Ова не е прв пат „Тојота“ да е принудена да повлече голем број од своите возила, како и да ги информира сопствениците за грешката. Минатиот месец беа повлечени милиони возила од безбедносни причини, односно поради проблеми со електрични жици, а претходно имаше проблеми со воздушните перничиња.

Покрај тоа, во 2015 година дури  6,5 милиони возила ширум светот имаа вградено прекинувачи за отворање на прозореците кои предизвикуваа краток спој и на тој начин ја загрозува безбедноста на возачите.