„Лос Анџелес тајмс“ неодамна објави обемен извештај за Здружението на странски новинари во Холивуд (ХФПА), организацијата која стои зад доделувањето на наградите Златен глобус.
Оваа организација се состои од 86 новинари и во последните години се споменува во негативен контекст, од фактот дека членовите се склони кон примање мито во замена за номинации за наградите па пошироко.
Овој пат, „Лос Анџелес тајмс“ објави, меѓу другото, дека нема ниту еден новинар со темна кожа меѓу членовите на ХФПА и дека е очигледно дека таму не се внимава на етничката разновидност, но ниту на етичките правила на играта во врска со сомнежот во подмитувањето на членовите.
Наскоро Холивуд се крена на нозе. Прво, актерката Скарлет Јохансон, која досега беше номинирана за Златен гобус четири пати, побара од Холивуд да се оддалечи од ХФПА сè додека не се спроведат потребните реформи во таа организација, а слично барање изнесе и актерот Марк Руфало.
Во понеделникот се огласија раководните лица на компанијата „Нетфликс“ и „Амазон“ кои рекоа дека ги прекинуваат врските со ХФПА сè додека не ги спроведат потребните реформи, додека Ен-би-си објави дека нема да ги емитува наградите Златен глобус следната година. Ен-би-си ги плаќа правата за емитување на церемонијата на доделување награди околу 60 милиони долари годишно.
По сето ова, реагираше и холивуската ѕвезда Том Круз, кој, како што објави „Холивуд репортер“, ги вратил своите три освоени Златни глобуси, во знак на протест за настаните околу ХФПА.
Првата награда Златен глобус за најдобра машка улога ја доби во 1990 година за улогата во „Роден на 4 јули“, потоа во 1997 година за улогата во „Џери Мегваер“, додека во 2000 година освои Златен глобус за споредна улога во „Магнолија“.