Многу светски медиуми шпекулираат дека холивудскиот актер Том Круз ќе изведе вратоломија од покривот на стадионот „Стад де Франс“ на затворањето на Олимписките игри во недела за да го прими олимпиското знаме во име на Лос Анџелес, следниот домаќин на игрите.
По раскошната, сложена и најмногу од сѐ контроверзна церемонија на отворање на Игрите на реката Сена, церемонијата на затворањето ќе биде многу покуса и ќе се одржи на потрадиционален начин на националниот стадион на Франција.
Уметничкиот директор Тома Жоли откри дека ќе ја комбинира „љубопитноста“ со „дистопијата“, сугерирајќи некои помрачни елементи од радосниот и дрзок тон на церемонијата на отворањето, која привлече рекордна милијарда луѓе на малите екрани ширум светот.
Неодамна на новинарите им рече дека ги смета Игрите за „кревки“ и дека сака да замисли што ќе се случи доколку „исчезнат и некој ги обнови во далечна иднина“. Една од точките покажува „патници од друго време и простор кои пристигнуваат на Земјата и откриваат остатоци од историјата на Олимпијадата“.
На церемонијата на отворањето се појавија некои големи ѕвезди, меѓу кои Лејди Гага и Селин Дион, а на затворањето се очекува да присуствуваат и неколку светски познати личности.
Том Круз, кој се смета за „најхрабрата“ ѕвезда во Холивуд, кој се појави на неколку олимписки настани и би била природна врска меѓу Париз и Игрите во Лос Анџелес во 2028 година. Американските медиуми објавија дека Круз подготвува спектакуларен скок од покривот за да го земе олимпиското знаме и да го однесе во Лос Анџелес.
Инаку повеќе холивудски ѕвезди ги следат Игрите во Париз а кои, исто така, би можеле да играат улога, вклучувајќи ги Снуп Дог, Ева Мендес, Рајан Гослинг и Шерон Стоун. Има непотврдени гласини дека би можела да настапи и Бијонсе, жестока навивачка на американската спортска експедиција на социјалните мрежи.
Организаторите ќе се обидат да избегнат повторување на контроверзноста на отворањето предизвикана од „drag queen“ во точката за кој христијаните, но и претставници од другите религии, и конзервативци сметаат дека го исмејува библискиот приказа за Тајната вечера.