Поранешниот тренер на Баерн, Челзи, Пари Сен Жермен и Борусија Дортмунд – германскиот стратег Томас Тухел е во преговори со англиската фудбалска асоцијација за позицијата тренер на англиската репрезентација, објави во петокот вечерта германската медиумска куќа Die Welt.
Телевизијата Welt не ги именуваше своите извори, но интересно е што таа не објавува често вести за европскиот фудбал.
Герет Саутгејт ја напушти селектoрската позиција откако Англија под негово водство беше поразена во финалето на Европското првенство вторпат по ред: во 2021 година Англичаните загубија во финалето на својот „Вембли“ во рулетот од 11 метри од Италија, а во јули годинава беа поразен во Берлин од Шпанија со 1:2.
Ли Карсли, поранешниот селектор на младата репрезентација на Англија (У-21), беше назначен за вршител на должноста селектор, но по поразот од четвртокот на домашен терен од Грција (1:2) во Лигата на нациите, беше жестоко критикуван од медиумите. Англија во недела гостува во Финска во групата Б2 од Лигата на нации.
Тухел, кој со Челзи ја освои Лигата на шампионите во 2021 година, го напушти Баерн на крајот од минатата сезона, откако Баварците не успеаја да освојат ниеден трофеј првпат по 2012 година.
Пеп Гвардиола, кој е под договор со Манчестер Сити до крајот на јуни следната година, исто така се споменува како потенцијален селектор на Англија доколку продолжи неуспешната серија на Карсли, додека поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, се исклучи себеси од игра со тоа што се согласи од јануари да биде ангажиран како координатор на тимовите во сопственост на компанијата Ред Бул.