Македонскиот пливач Томи Стефановски утре ќе плива маратон на Охридското Езеро, со цел подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.
Станува збор за хуманитарен настан насловен „Пливање за инклузија“, со што воедно ќе го одбележи и јубилејот 15 години од неговото препливување на каналот Ла Манш.
Трасата за овој хуманитарен потфат е во должина од 15 километри. Стефановски ќе стартува во 10:30 часот од пред хотелот „Десарет“, ќе плива до црквата „Свети Јован Канео“ се до градското пристаниште во Охрид.
Стефановски упати повик до сите хумани луѓе да се вклучат во акцијата и донираат.
-Заедно со Вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од се, да се чуствуваат прифатени и сакани, вели Стефановски.
Инаку, Стефановски на 14 август 2009 година преплива каналот Ла Манш, по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Нико Нестор (1958 година) и 40- годишнината од препливување на Атина Бојаџи во 1969 година. На Стефановски за препливување на Ла Манш му беа потребни 7:42 часа, што е 13 резултат на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.
Утрешниот хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација „ИТК Македонија“ од Скопје и Охридскиот пливачки маратон.