Томислав Томашевиќ е новиот градоначалник на Загреб, ХДЗ води само во Осијек

Она што изгледаше речиси извесно се потврди на денешниот втор круг на изборите за Загреб: Томислав Томашевиќ од групацијата „Можеме“ стана нов градоначалник на Загреб. Дваесет години градот го раководеше Милан Бандиќ, кој почина пред неколку месеци.

Според резултатите на изборната комисија, по пребројаните 100 отсто од гласовите Томашевиќ освоил 65,25 отсто, додека неговиот конкурент, крајнодесничарскиот популист Мирослав Шкоро 34,75 отсто.

Ова е голема победа за алтернативната левичарско-граѓанско-зелена коалиција, особено поради тоа што кандидатите на двете најголеми партии, ХДЗ и СДП, не успеаја ни да влезат во вториот круг.

Томашевиќ, кој дипломираше политикологија на Факултетот за политички науки во Загреб, а магистрираше во Кембриџ на тема животната средина, општество и развој,  пред 11 години беше еден од активистите кои ја уриваа оградата за време на познатите протести на Цветниот плоштад во Загреб, до победата стигна во своето второ учество на изборите. Тој беше кандидат и во 2017 година.

Во другите три големи трки, центристичкиот кандидат Ивица Пуљак (познат научник кој работеше во ЦЕРН) го победи кандидатот на ХДЗ во трката за Сплит, а Марко Филиповиќ од СДП ја доби Риека. Единствената победа на ХДЗ во големите градови беше на Иван Радиќ во Осиек (прва во последниве 30 години).

Едно од најголемите изненадувања на изборите е поразот на кандидатката на истарската партија ИДС во Пула, која загуби од независен кандидат.