Томовски демантира дека е роднина со сопствениците на „Праеториан“

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски демантира дека има роднински врски со сопствениците на компанијата „Преториан“, откако СДСМ обвини дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станал раководител на подружница во текот на самата тендерска постапка.

„Службата за општи и заеднички работи со компанијата „Преториан“ склучи договор за „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во времетраење од три години во вредност од околу 3 милиони евра. На оваа јавна набавка конкурираа четири фирми, што не беше случај во изминатите шест години, кога само една фирма која конкурирала, секогаш го добивала тендерот на максималната вредност. Избраната компанија има доставено сериозно висока банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари“, напиша Томовски на „Фејсбук“.

„За жал, деновиве во јавноста се изнесуваат очигледни шпекулации во врска со набавката, за мои наводни фамилијарни врски со избраната компанија. Жалам што, наместо да се нагласи заштедата од 30 милиони денари за државниот буџет, што не било случај во минатото, јавноста се дефокусира со неосновани обвиненија адресирани на моја сметка. Одговорно тврдам дека во никаков облик не постојат мои роднински врски со сопствениците на избраната компанија“, вели Томовски.

Тој наведува дека во неговото работење „секогаш се води според принципите на моралност, транспарентност и во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани, посочувајќи дека ја разбира нелагодноста на оние кои со години биле научени за сметка на народот да печалат огромни суми на пари, без конкуренција и на однапред познати и договорени тендерски услови, но таа практика по смена на власта заврши“.

„Во однос на пишувањата и дел од прозивките за наводно наместениот тендер, сакам резолутно да ги отфрлам и демантирам ваквите наводи и да посочам на следните факти: Факт број еден: тендерот за обезбедување кое го спроведе СОЗР вметна за главен услов најниска цена, и внесе обезбедување на конкуренција во наддавањето што придонесе за истата работа од претходно, сега да се постигне пониска цена за половина милион евра и исто толку пари на граѓаните се заштедија во државниот буџет. Факт број два. Добитникот на тендерот, компанијата „Праеториан“, на никаков начин не е поврзана со мене, ниту му припаѓа на некој мој роднина. Ова е чиста дезинформација и обид за манипулација на јавноста“, наведува Томовски во објавата.

„Одредени политички структури во минатото ја цеделе оваа институција преку разни сомнителни набавки и многу фирми сакаат така да продолжи работата како што тоа го правеле со минатата Влада, навикнати на корупција и на функционери кои ги полнат џебовите на сметка на народот. Така не може и не смее и најостро ке се спротивставам на тоа што се случувало“, додава Томовски во објавата на Фејсбук.

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница во текот на самата тендерска постапка.