„Топ Тема на Телма“ со безуспешен обид да се испере за финансирањето од УСАИД

УСАИД

Емисијата очигледно смислена како попуст обид за релативизирање на милионите кои фондациите ги истураат во медиумите, кои потоа одработуваат согласно насоките од спонзорите, наиде на потсмев во јавноста.

Професорката Ванковска се шегуваше на својот фејсбук профил пишувајќи: „Телма прави емисија за странски донации и донатори за медиуми и НВО сектор, во емисија финансирана од УСАИД. Нели има тука конфликт на интереси?“

Таа подолу во коментарите на статусот на кој во одбрана на Телма се вклучи еден од носителите на проектот Боби Христов, вели и дека не и е јасно како може да се добие грант за вршење редовна професионална дејност. „Тоа е како да добијам грант за да држам редовна настава пред редовни студенти.“ заклучува Ванковска.

Христов тврдеше дека станува збор за поддршка во траење од две години, за нови иновативни содржини. Не спомна дали е точно она што се зборува во јавноста, дека сумата за иновативни содржини која УСАИД ја платил на опозициониот мегафон Телма е повеќе од 800 илјади долари.

Јавноста одамна ја прочита приказната на т.н. независни новинари и слободни медиуми, кои ги одработуваат интересите на СДСМ/Сорос. Телма и нејзините новинари кои сакаат за себе да пишуваат дека се професионални, неброено многу пати ги прекршиле сите новинарски стандарди, лиферувајќи класични манипулации против власта идентични со тезите кои ги сервира централата на СДСМ на Бихаќка.

Неодамна јавноста можеше уште еднаш да се увери преку ставовите на главниот уредник на Телма Атанас Кировски, дека тој и неговиот медиум се продолжена рака на СДСМ и верни следбеници на насоките од Бихаќка.

Кировски на својот фејсбук профил не го криеше своето разочарување затоа што на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски го доби мандатот за формирање влада. За Кировски и Телма, демократските принципи важат само ако се поклопуваат со нивните односно интересите на нивните спонзори. Во спротивен случај овие големи новинарски пера без проблем и без грам срам знаат да кажат: „тази дупка, не е дупка“.

Истиот случај се повтори и вчера, кога се обидоа да ги бранат стотиците илјади евра дадени „за инвоации“ во програмата која пред тоа со ист степен на иновација држеше наратив кој исто така ревносно ги бранеше боите на СДСМ. Дали грантовите се награда и мотивација за да продолжат во ист и пожесток стил во иднина? Емисии како вчерашната можат само тоа да го потврдат.