Топлотен бран со температура од 40 степени, на сила метео-алармот и владините препораки

Територијата на целата држава од понеделникот ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза. Ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северен правец. Вредноста на ултравиолетоворо зрачење (UV) ќе биде 8.

Утринските температури се движат од 11 до 22, додека максималните во текот на денот соодветно ќе бидат во интервалот меѓу 32 и 40 Целзиусови степени.

И во Скопје денеска и следние два дена ќе биде сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец и температура до 40 степени.

Согласно Акциониот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во следните три дена ќе се преземаат акции предвидени за „ФАЗА 2 – ПОРТОКАЛОВО НИВО“ на топлотни бранови.

Согласно тоа, Владата во неделата донесе дополнителни мерки за превенција, и тоа:

Oслободување од работни обврски за најралнивите групи на населениението: бремените жени и лица на возраст над 60 години во периодот од 12.08.2024 до 14.08.2024 година (понеделник, вторник и среда).

Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.