Топлотен бран во Европа, САД и Азија, паѓаат температурните рекорди

Здравствените власти во Европа, Северна Америка и Азија алармираат поради незапирливата топлина и ги повикаа граѓаните да се засолнат од жешкото сонце и да внесуваат доволно течности, пренесуваат во вторникот агенциите, истакнувајќи дека Европа е континтнетот кој најбрзо „се загрева“.

Европа денеска ја очекуваат нови високи температури, топлотниот бран не покажува знаци на стивнување, а шумските пожари веќе изгореа делови од северната хемисфера.

Врвот на топлотниот бран во Европа се очекува на италијанските острови Сицилија и Сардинија. Според Европската вселенска агенција (ESA), температурите на овие острови би можеле да достигнат 48 степени Целзиусови. Европскиот рекорд го држи Сицилија, каде во 2021 година се измерени 48,8 степени Целзиусови.

Во Грција втор ден по ред пожарникарите се борат со шумски пожари на повеќе локации низ Атина. Шумски пожар кој го носи силен ветер му се закани на популарното летувалиште Лутраки, а градоначалникот нареди евакуација на 1.200 деца од летниот камп.

„Екстремните временски услови имаат огромно влијание врз здравјето на луѓето, екосистемите, економиите, земјоделството, енергијата и снабдувањето со вода“, изјави генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (СМО – WMO) Петери Таалас.

„Мора да ги намалиме емисиите на стакленички гасови што е можно поскоро и во најголема можна мера“, посочи Таалас.

Италијанците се предупредени да се подготват за „најинтензивниот топлотен бран ова лето и еден од најинтензивните досега“. Во понеделникот во Рим беше измерена температура од 39 Целзиусови степени.

Американецот Колман Пиви не може да се изначуди што жештините се полоши во Италија отколку во неговиот Тексас.

Јуни беше најтопол во Европа досега, а се чини дека и јули ќе собори температурни рекорди. Во Шпанија се измерени 44,7 степени Целзиусови во градот Хаен на југот на земјата, а на Кипар до четврток се очекуваат температури над 40 степени Целзиусови.

Делови од Азија, исто така, „горат“ со рекордни температури, предизвикувајќи поплави. Во кинеската провинција Ксинџијанг, на западот на земјата, во неделата е забележана рекордна температура за средината на јули од 52,2 степени Целзиусови. Претходната рекордна температура измерена од метеоролошката станица во Санба во јули 2017 година беше 50,6 степени Целзиусови.

Предупредувања за срцев удар беа издадени во 32 од 47 префектури во Јапонија, главно во централните и југозападните области.

Во западните и јужните држави на САД, повеќе од 80 милиони луѓе се предупредени на екстремно силен топлотен бран. Долината на смртта во Калифорнија, честопати најтоплото место на планетата, во неделата забележа 45 степени Целзиусови од 51 степен еден ден претходно, а во Феникс, главниот град на Аризона, температурите се над 43 Целзиусови 18 дена по ред.