Топловодната инсталација од РЕК Битола, главните цевки се наоѓаат на еден километар пред градот, изјави Горан Козаров, управител на ДОЕЛ на АД ЕСМ, Топловод-Битола.
– Топловодната гранка од РЕК Битола од каде ќе се одзема топлината до кулата за дотоплување е траса во должина од 13 километри и во моментов сме на 12 километар, а машините ги трасираат последните километри со што топловодот за брзо време ќе влезе во Битола, изјави Козаров.
-Оваа фаза е прва од топловодот, се поставуваат главните цевки, доводната и повратната цевка, во втората фаза од топловодот ќе биде градската мрежа и разводните шахти, а потоа ќе биде изграден одземач во РЕК Битола и кулата која ќе се користи за дотоплување на водата во градот. Ова е еден од најпосакуваните проекти, кој ќе овозможи намалување на загаденоста во градот, а користа за граѓаните – огромна, посочи Козаров.
Според проектот, со завршување на трите фаза, топловодот ќе биде разгранет на три гранки кои ќе ги користат 37 институции, а потоа колективните објекти згради и други корисници од Битола, Могила и Новаци.
Првите корисници топловодот се очекува да се вклучат во 2025 година.