Ториевските пратеници во понеделник ќе расправаат за иднината на премиерката Трас

Пратениците на британската владејачка Конзервативна партија треба да се состанат во понеделник за да разговараат за политичката иднина на премиерката Лиз Трас, објави во саботата ноќта во своето електронско издание дневниот весник The Guardian.

Според наводите на весникот, сѐ повеќе членови на пратеничката група на ториевците во парламентот зборуваат за потребата од промена на партискиот лидер, следствено и британскиот премиер, вторпат откако во јули пратеничката фракција го принуди Борис Џонсон да поднесе оставка.

Во написот на The Guardian се наведува и дека сѐ уште нема единство меѓу влијателните конзервативни пратеници и поранешни министри кои имаат намера да се состанат на почетокот од следната седмица.

Некои сметаат дека Трас веднаш треба да се повлече од функциите во партијата и во владата, но не сите се подготвени активно да ја бараат нејзината оставка. Другите, пак, сметаат дека таа засега може да остане на влас, иако веќе има слаба контрола врз ситуацијата.

Меѓу организаторите на состанокот се и поддржувачите на поранешниот министер за финансии Риши Сунак, кој беше поразен од Лиз Трас во борбата за премиерската функција. Покрај Сунак, меѓу конзервативците како еден од можните наследници на Трас се споменува и исклучително популарниот министер за одбрана Бен Валас.

Валас, кој е еден од најпопуларните политичари во владејачката Конзервативна партија и важеше за фаворит за премиерската функција, тогаш ја отфрли можноста да влезе во трката. Меѓутоа, во саботата телевизијата Sky News, повикувајќи се на извори од неговото опкружување, објави дека тој може да поднесе оставка од министерството за одбрана, доколку премиерка Лиз Трас отстапи од ветувањето дека ќе ги зголеми трошоците за одбраната. Прашањето за можната оставка на Валас се наметна во медиумите откако Џереми Хант, кој во петокот беше именуван за министер за финансии, рече дека речиси сите ресори ќе мора да ги намалат трошоците поради рецесијата и енергетската криза.

„Тие (конзервативните пратеници) ќе седнат и ќе одлучат што да прават натаму. Во моментов станува збор за спас на Конзервативната партија и економијата (на Велика Британија). Дотаму дојде“, го цитира весникот својот неименуван соговорник.

Во написот се забележува дека членови од кабинетот на Трас ги предупредуваат бунтовните пратеници, чијашто бројка може да достигне 100, дека уште една оставка на премиерот ќе претставува силен удар за репутацијата на партијата и ќе значи гарантиран пораз на парламентарните избори, кои треба да се одржат кон крајот на 2024 година. Сепак, според сознанијата на The Guardian, поддршката на Трас се намалува и во владата, чиишто членови таа ги избрала врз основа на личната лојалност.

 

Можноста за оставка

Остриот пад на популарноста на Лиз Трас, веќе е помалку популарна отколку што воопшто некогаш бил нејзиниот сопартиец во Конзервативната партија и претходник Борис Џонсон или поранешниот челник на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, се должи и на фактот што финансиските пазари реагира многу болно на економската програма што ја презентираше нејзиниот кабинет, а фунтата падна на рекордно ниско ниво и во еден момент речиси се израмни со доларот.

Експертите се сомневаат дека планот на Трас за намалување на даноците, особено на оние со најголеми приходи и потрошувачката, ќе ја извади земјата од рецесија, ќе постигне економски раст и ќе ја спречи рекордно високата инфлација. Стравуваат дека истовремено ќе се зголеми товарот на јавниот долг, а бизнисите и населението веќе се соочуваат со зголемените каматни стапки за заеми у хипотеки.

Трас се обиде да ја зацврсти својата позиција во петокот откако го смени министерот за финансии Кваси Квартенг кому му го припишаа владиниот план, и со повлекувањето на ветувањето дека нема да ја зголеми ставка за корпоративниот данок. Тоа би требало да ѝ овозможи на нејзината влада да го балансира буџетот, но заменикот на Квартенг кој на Трас ѝ предвиде во саботата „краток мандат“, поранешниот министер за надворешни работи Џереми Хант веќе на првиот ден на должноста порача дека претстојат тешки времиња и дека земјата ќе мора да штеди.

Противниците на Трас меѓу нејзините конзервативци според непишаните правила не можат да иницираат гласање за доверба во првата година по преземањето на премиерската должност. Меѓутоа, доколку половината од челновите на пратеничката група, во моментов тоа значи 178 од 356, се подготвени да изјават дека ја загубиле довербата во премиерот, правилата може да бидат ревидирани.