Тошковски: 80 години Оддел за заштита на определени личности и објекти, заради нив сме посилни и како држава и како општество

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во Музејот на македонската борба за самостојност присуствуваше и се обрати на јубилејот 80 години од формирањето на Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на Бирото за јавна беабедност при МВР.

Тошковски потенцираше дека одделот ги влече своите корени од АСНОМ-ска Македонија кога со повелба е конституиран во 1945 година а припадниците на одделот ги преку својата професионалност, будност, сила и неуморност секојдневно се грижат за безбедноста на определени личности, објекти како и заштита на критичната инфраструктура неопходна за функционирање на општеството.

-Припадниците на Одделот, од самото свое основање, до денес, биле и ќе бидат на првата линија на одбраната против сите форми на закани, следејќи ги сите европски и светски стандарди и можам да кажам дека имам само гордост за нивото на професионалност, одговорност, посветеност и интегритет кои постојано ги покажуваат во службата кон министерството и државата, истакна министерот Тошковски.

Тошковски споменувајќи ги резултатите на работата на Одделот за заштита на определени личнисти и објекти нагласи дека само оваа година одделот има извршено обезбедување на 108 делегации и 47 меѓународни и домашни манифестации за чија беспрекорна организација МВР добива честитки од меѓународните партнери и пријатели.

-Заради вас и ние сме посилни, и како држава и како општество. Преку врвната обука, прифатените високи стандарди на работа, постојаниот фокус и на најситните детали, вие сте нашиот тивок, невидлив, а непробоен штит и заштитник на македонското општество. Вие сте хероите кои работат од сенка, и како што вели и вашето мото СЕКОГАШ БУДНИ, го чувате дел од мирот и безбедноста на сите нас, потенцираше министерот Тошковски.

На манифестацијата беше презентирано новото лого на одделот со лав во средишниот дел кој традиционално е симбол на заштита и моќ со храброст, сила и одлучност и беа доделени плакети на пријателите и соработниците на одделот.
На крајот на манифестацијата беше изведена показна вежба од страна на припадниците на Одделот за заштита на определени личности и објекти.