Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го отвори традиционалниот Централен меморијален турнир во мал фудбал, што се одржува во чест на загинатите бранители од 2001 до 2015 година, во СРЦ „Борис Трајковски“.
Како што објави на неговиот фејсбук профил министерот Тошковски, оваа година, турнирот е под покровителство на Министерството за внатрешни работи, а ќе учествуваат победничките екипи од претходно одржаните локални турнири низ Македонија.
– Традицијата е една од основните вредности кои го обележуваат човековото постоење – таа не зближува, не учи на разбирање и ни овозможува заедно да создаваме спомени кои се вечни. Турнирот „Хероите на Македонија“, кој го носи токму ова значајно име, има за цел да нè потсети и да ја изрази нашата благодарност кон оние кои ги дадоа своите животи за најсветото – својата татковина. Како аманет за сите нас, оваа традиција не обврзува никогаш да не заборавиме кои сме и што им должиме на нашите херои. Долгот кон хероите на Македонија ќе го враќаме со тоа што ќе се стремиме да бидеме подобри граѓани, кои ќе изградат подобро општество и силна татковина – наследство кое ќе го предадеме на идните генерации, со спомен на хероите кои го жртвуваа она највредното за нашата слобода, напиша на фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.