Тошковски: Палевски ќе биде екстрадиран што е множно побрзо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вторникот попладнето изјави дека во најкус можен обвинетиот Љупчо Палевски Палчо ќе биде екстрадиран од Турција во Македонија, откако претходно денеска Министерството за правда соопшти дека е одобрена екстрадицијата од турските власти.

„Во текот на денешниот ден добивме информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за предметното лице, со тоа што нашите полициски службеници се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект предметното лице кое е под прогон од страна на Обвинителството, да биде изнесено пред лицето на правда“, изјави Тошковски.

Прашан дали има конкретен рок кога треба да се испорача Палевски, министерот за внатрешни работи рече дека нема конкретен рок, но дека Палевски ќе биде екстрадиран најбрзо што е можно.

По одлуката на Турција за екстрадиција, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.

Откако ќе биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројца осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.

Министерството за правда денеска соопшти дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена. Оттаму посочија дека е завршен судскиот процес и административната процедура и сега останува само да се реализира трансферот.

Палевски е првоосомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и седмдесетгодишниот велешанец Панче Жежовски.

Претходно министерот за правда Кренар Лога на социјалните мрежи потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.

„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда“, објави Лога.

Љупчо Палевски – Палчо повеќе од три месеца е во екстрадационен затвор во Турција. За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Осомничен за помагање во грабнувањето, заедно со нив е и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.

Тој со последната одлука на Врховниот суд, која ја уважи неговата жалба, за меркат притвор, на 24 април замина во куќен притвор и доби мерка на претпазливост.

14 годишната Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на 4 декември. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.

Истиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.