Тошковски: По поплака од новинар поднесен е предлог за поведување дисциплинска постапка против началникот на Единица за економски и компјутерски криминал во СВР Скопје

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку статус на Фејсбук пишува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка против началникот на Единица за економски и компјутерски криминал во СВР Скопје, по претходно поднесена претставка за непрофесионално и неетичко однесување, доставена од страна на новинар

„Новинарите се партнер на министерството за внатрешни работи и важен чинител во нашето општество и неопходно е сите да придонесуваме за подигнување и гарантирање на нивната безбедност и овозможување на подобри услови за работа.

Во таа насока, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка против началникот на Единица за економски и компјутерски криминал во СВР Скопје, по претходно поднесена претставка за непрофесионално и неетичко однесување, доставена од страна на новинар.

Наведеното лице, спротивно на Законот за кривична постапка, првично преземал мерки за постапување по наредба на ОЈО, а потоа без издржано оправдување и со усна наредба побарал повлекување на истото. Воедно при постапувањето, несоодветно се однесувал во меѓусебната комуникација со помлад инспектор вработен во Единица за економски и компјутерски криминал во СВР Скопје, со што постапил спротивно на начелата за одржување на колегијалност, а воедно направил и потешко кршење на работниот ред и дисциплина и Колективниот договор на МВР“, стои во постот на Тошковски.