-Македонскиот пасош со старото име се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово и срамота е што не важи и во земјава поради важечкиот законски пропис. Решението за тоа се пратениците, кои како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така треба да го сменат и Законот за патните исправи и да го решат веќе еднаш проблемот на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Срамота е Македонија да ги зароби граѓаните на територија на која што се и прит оа,доколку проба да излезат од Македонија, ние не ги пуштаме, поради тоа што Законот е таков, а слободно може да се движат со македонскиот пасош со старото име во Германија, Швајцарија, Албанија и Косово. Очигледно е дека МВР презема максимум во рамки на можностите што ги има во овој дел. Но, о би сакал да го повторам решението за маките на граѓаните, а тоа решение е 61 пратеник да си ја заработи платата и да стиснат на тоа пусто копче, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи и да го решат веќе еднаш проблемот, рече Тошковски во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи.
Тој ги повика пратениците во Собранието да постапат по оној предлог закон кој, како што рече, го доставил истиот ден со Законот со возачките.
-Како што го поминаа Законот за возачките, така да си го поминат и Законот за пасошите. Само тоа е решение. А, граѓаните нека судат. Јас мислам дека тие се многу умни и гледаат дека во споредба со неработењето и непрофесионалноста од претходно, сега ако ништо друго, даваме максимум се од себе, рече Тошковски.
Тој потврди дека веќе пристигнале 20.000 обрасци со новото име на државата.
-Не сакам да отворам теми во јавноста, каде немам точни информации, но отприлика некаде во осмиот месец имало договор според кој заклучно со 18 февруари во Македонија требало да пристигнат 400.000 обрасци. Тој договор со одреден акт е заменет и при тоа заклучно со 18 февруари е преземена обврска некаде во декември лани, за набавка на 22.000 обрасци. Немам уште соодветни докази, зошто е тоа така сторено. Но, ќе истражиме, посочи Тошковски.