Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека Управниот суд поништил уште две незаконски одлуки на Владата со кои беа поништени решенија донесени од нгова страна.
„Едната пресуда се однесува на одлука со која беше поништено решение со кое се откажува договорот за вработување на работник во МВР на позицијата командир на ПО Ропотово, додека другата пресуда е за акт со кој до Советот на Општина Демир Хисар од моја страна е доставена листа на кандидати за избор на командир согласно Законот за внатрешни работи. Управниот суд со пресудите и овој пат утврди дека за тоа дали предметните решенија уредуваат правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите, единствено надлежна да одлучува е Државната изборна комисија, а не Владата“, пишува Тошковски.
Министерот наведува дека со донесените пресуди Управниот суд уште еднаш го потврдил фактот дека сите решенија донесени од негова страна се во согласност со позитивните законски прописи, а Владата со нивното поништување постапила спротивно на Законот за Влада.
Минатата недела од Управниот суд поништени беа три одлуки од Владата.