Тотенхем подобар од Манчестер Сити

Во дербито од 25-то коло на англиското фудбалско првенство, Тотенхем пред своите навивачи го совлада Манчестер Сити со 2:0.

Во 63 минута на својот дебитантски настап во дресот на Тотенхем го постигна Стивен Бергвијн, а во 71 минута погоди Сон Хуенг-мин, Со тоа Бергвијн стана 250-от игрч во англиската Премиер лига кој успеал да се запише во листата на стрелците на својот дебитантски натпревар, откако во саботата за 30 милиони евра дојде во Тотенхем од редовите на холандски ПСВ.

Сити во 40 минута имаше пенал при резултат 0:0, но Уго Љорис го одбрани ударот на Илкај Гундоган. Ова беше дури четвртиот нереализиран пенал на Сити од последните шест изведени. Гостите добија пенал по интервенцијата на ВАР-от, бидејќи судијата Мајк Дин стартот на Ориер врз Агуеро првично не го виде како прекршок.

Интересен момент се случи по одбранетиот пенал, кога Љорис се обиде да ја дофати одбиената топка пред Рахим Стерлинг а овој падна преку него. Играчите на Сити бараа нов удар од белата точка, но судијата Дин по помошта од ВАР-от овој пат не покажа на неа.

Се чини дека клучниот момент на мечот се одигра во 60 минута, кога гостинскиот бек Александр Зинченко доби втор жолт картон и исклучување. Тотенхем со играч повеќе по три минути преку Бергвијн поведе, а Кореецот Сонг потоа го постигна својот петти погодок во мечевите со Сити. Отако на клупата на „Граѓаните“ е Гвардиола, само Џејми Варди од Лестер постигна повеќе голови во нивната мрежа – шест.

Ова беше 23-от судар меѓу двајцата големи фудбалски стратези, Жозе Мурињо и Пеп Гвардиола, и шеста победа на Португалецот. Каталонецот има 11 победи, а шест средби завршиле без победник.

На табелата води Ливерпул со 73 бодови, Манчестер Сити е втор со 51, а Лестер е трет со 49 бодови. Челзи е на четвртото место со 41 бод, додека Тотенхем сега е петти со 37 бодови.

Претходно во неделата Барнли и Арсенал одиграа без голови. Барнли е 11-ти со 31 бод, а Арсенал со ист број бодови е место погоре на табелата.