Трајанов бара репроцитет: Бугарија да ги признае Македонците и нивните права

Во името на Демократскито сојуз ќе побарам прва точка на средбата да биде да упатиме силна заедничка порака до Бугарија да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги остваруваат сите свои права, да се здружуваат, да формираат клубови, вклучително да можат да формираат и политички партии. Тоа значи асоцијации преку кои ќе можат да ги негуваат своите национални обележја, културни, историски, јазични и други обележја што ја карактеризираат една нација, изјави пред денешната лидерска средба во Собранието претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

Тој, како што кажа, ќе бара политички консензус од сите политички партии затоа што досега никој од државно – политичкиот врв не го покренува ова прашање, како што вели Трајанов, „ниту претседателот на државата, ниту претседателот на Владата, уште помалку министерот за надворешни работи“.

-Никој не бара Македонците да ги добијат своите основни права како што ги имаат Бугарите и другите етнички заедници во Бугарија, рече Трајанов, додавајќи дека нема ништо против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа односно „само да бидат признаени Македонците како национално малцинство и да бидат признаени нивните права на самоорганизирање“.

Претседателот на ДС рече дека на средбата ќе побара предвремени избори или пред избори да биде формирана влада на широка коалиција, потоа да има една изборна единица, но и сите креативни кадри да бидат вклучени во процесот на скриниг за да создадеме основни предуслови и претпоставки за формално почнување на преговорите со ЕУ. Исто така ќе го отвори прашањето и околу функционирањето на системот во државата „бидејќи има огромно разочарување кај граѓаните дека не функционираат институциите ниту на централно ниту на локално ниво“.