Трајанов поденсе иницијатива до Уставен за преиспитување на уставноста на измените на КЗ

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за преиспитување на уставноста на последните измени на Кривичниот законик, со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување и се предвидува декриминализација на кривичното дело поврзано со јавните набавки на штета на државата.

Во иницијативата се укажува на обврската уставните одредби за владеење на правото и законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носителите на јавни функции.

Воедно, се очекува Уставниот суд по службена должност да донесе времена мерка за одложување на примена на измените во Кривичниот законик до донесување конечна одлука за Иницијативата.

Во продолжение Иницијативата поднесена до Уставниот суд:

Врз основа на чл. 50 ст. 1 од Уставот на РМ, чл. 110 ст. 1 алинеја 1, в.в. чл. 108 од Уставот на РСМ и чл. 15 од Деловникот на Уставниот суд на РМ ( „Сл. весник на РМ“, бр. 70/1992), поднесувам

ИНИЦИЈАТИВА

ЗА ПОВЕДУВАЊЕ ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК (Службен Весник на РСМ бр.188/2023)

I.

Предмет на оваа иницијатива е поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 зборовите: „за кривично дело извршено во состав на злосторничко здружение со кое е извршено кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од 4 години или потешка казна“, член 32 со кој се менува членот 353, членот 33 во ставот 3 зборовите: „најмалку три години“ се заменуваат со зборовите: „од шест месеци до три години“ и членот 34

II. 

  1. Член 1 став 1 зборовите: ,,за кривично дело извршено во состав на злосторничко здружение со кое е извршено кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од 4 години или потешка казна“ е спротивен на:
  • Членот 8 став 1 алинеа 3 од Уставот на РСМ – ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО.
  • Членот 8 став 1 алинеа 6 од Уставот на РСМ – ЗАШТИТА НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ
  • Член 9 став 2 од Уставот на РСМ „Граѓаните пред Уставот и Законите СЕ ЕДНАКВИ“

Во споменатиот дел од членот 1 од измената на КЗ спротивно на гореспоменатите одредби од Уставот, конфискацијата се врзува со висината на казната за дела извршени со Злосторничко здружување иако јасно произлегува дека конфискацијата не може да зависи од висината на казната бидејќи таа е поврзана само со стекнување на имот на незаконски начин, а во никој случај со висината на казната. Воедно во овој став постои повреда на член 9 став 2 од Уставот односно сторителите на кривичните дела извршени во состав на злосторничко здружение на кои им се изречени помали затворски казни од 4 години се ставени во привилегирана положба во однос на сите други извршители на кривичните дела во ставот 1.

III.

  1. Член 32 со кој се менува членот 353, членот 33 во ставот 3 зборовите: „најмалку три години“ се заменуваат со зборовите: „од шест месеци до три години“ и членот 34 се спротивни на:

Со сите овие законски измени (член 32, 33 и 34) се сторени повреди:

  • на член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот на РСМ (Владеење на правото – правната сигурност)
  • на член 9 од Уставот (Еднаквоста на сите пред Уставот и законите)

Во контекст на претходново, напоменуваме дека со ваквите измени се ставени во нерамноправна положба граѓаните кои се правосилно осудени за овие дела во однос на другите граѓани на кои постапките за овие дела се во тек или не се сеуште процесуирани.

* на член 51 став 2 од Уставот според кој секој е должен да го почитува Уставот и законите. Ова се однесува и за Собранието кое согласно член 61 став 1 од Уставот е претставнички орган на граѓаните.

* Исто така е сторена и повреда на член 14 од ЕКЧПС (Забрана на дискриминација), како и на член 17 од истата (Забрана за злоупотреба на правата), сето ова во врска со член 8 став 1 алинеа 11 од Уставот.

Во контекст на повредите на член 8, 9 и член 51 од Уставот ќе ги наведеме и неколкуте одлуки и решенија на Уставниот Суд со кои судот утврдил повреда на овие членови (Одлука У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2011, како и Одлуката У.бр.3/2017, како и Решението на Уставниот Суд со кое судот одлучи да не поведе постапка по предлогот на адвокатот Еленко Миланов за поништување на ставот 6 од членот 353 од КЗ). Како потврдување на намерата на предлагачот да овие измени бидат во корист на „службените лица“ (функционерите) произлегува и од содржината на членот 38 од овие измени во кој само за 29 кривични дела, примената ќе започне после 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон. Од друга страна за споменатите 3 кривични дела (член 32, 33 и 34), примената на овој закон ќе започне по 8 дена од денот на објавување на овој закон во „Службен Весник на РСМ“.

Содржината на одредбата од членот 38 од измената исто така јасно укажува на повредата на членот 9 од Уставот на РСМ (Еднаквоста на сите пред Уставот и законите).

  1. Првенствено постапката на донесувањето на овие измени досега не е видена во светската практика. Овие измени се донесени „експресно“ – по итна постапка за два дена со европско знаменце, а притоа без никаква јавна расправа.

Ваквата постапка е спротивна:

  • на член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот на РСМ (Владеење на правото)
  • на член 16 став 1,2 и 3 од Уставот на РСМ (со кој се гарантира јавноста и транспарентноста на информирањето)
  • на член 50 став 3 од Уставот на РСМ (Правото на граѓаните активно да придонесуваат за унапредувањето на човековите права и слободи)
  • на член 51 став 2 од Уставот на РСМ (Секој е должен да го почитува Уставот и законот меѓу кои спаѓа и Собранието како и сите пратеници)

Од друга страна употребата на европското знаменце при постапката на донесувањето на овие 3 члена од КЗ нема никаков основ бидејќи овие членови не претставуваат усогласување со ниту една Конвенција ниту пак со законодавствата на европските држави. Претходното јасно произлегува и од содржината на образложението за потребата на нивното донесување. Од друга страна овие членови во однос на намалените казни претставуваат „амнестија“ во некои случаеви и целосно застарување на делото што нема да допринесе за борбата против корупцијата, туку ќе ја зголеми негативната пракса на неказнивност на јавните функционери. Ова истовремено претставува спротивно постапување на еден од основните принципи на криминологијата (како наука) според која при зголемувањето на бројот на определени кривични дела како што е во конкретниот случај, казните драстично се заоструваат, а во никој случај не се намалуваат ниту пак се „декриминализираат“ кривичните дела како што е во случајот со бришење на ставот 6 од членот 353 – Злоупотреба на службената положба и овластувања. Со ова е елиминирана одговорноста за криминалот во јавните набавки.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ 

Во Уставот на РСМ јасно и недвосмислено е утврдено дека Поврзувањето на додавањето на проширената конфискација во членот 1 и членот 32 од овие измени на КЗ со драстичното намалување на затворските казни нема никакво оправдување, ниту правна логика дека тоа ќе доведе до поефикасно и поажурно работење на судот и другите правосудни органи, а сето тоа ќе доведе до намалувањето на организираниот криминал и корупцијата во нашата држава. Ова оправдување нема никаква правна логика ниту пак основ во ниту еден домашен правен акт (законски прописи и стратегијата за борба против корупцијата), како и во ниту еден меѓународен правен акт (конвенции и др.).

Реални потреби од усогласувањето на КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК со законодавството на ЕУ

Доколку сакаме вистинско усогласување со законодавството на ЕУ, посебно од потребата за воведувањето на превентивни кривични дела за борбата против корупцијата во правосудството и државната администрација, тогаш ќе мораме да се усогласиме со кривичното законодавство на ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА Европската унија.